Зијад Беќировиќ од ИФИМЕС прогнозира дека процесот против водачите на ОВК ќе трае долго, а дека обвиненијата може да бидат проширени и на други лица од регионот, пред се од С Македонија
Доскорешниот претседател на Косово Хашим Тачи утре ќе се појави пред Специјалниот суд , како и поранешниот портпарол на ОВК, Јакуп Красниќи, а, според директорот на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС), Зијад Беќировиќ, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, наскоро би можел да отпатува, исто така во Хаг, како крунски сведок на судскиот процес против поранешните водачи на ОВК, пишува „Новости“.
„Секако, најинтересно и најкорисно ќе биде сведочењето на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој може да сведочи како крунски сведок за личните врски со Хашим Тачи и другите, така што неговото сведоштво може да биде афирмација на сите албански активности, воени и политички. Мило Ѓукановиќ е неизбежен актер, бидејќи учествуваше во донесувањето одлуки за испраќање воени и полициски сили на Косово. Тој остана единствениот жив сведок кој може автентично да сведочи за настаните во Косово и во регионот“
оценува Беќировиќ.
Тој вели дека не е изненаден од заминувањето на Тачи и на Кадри Весели во Хаг и дека обвиненијата може да бидат проширени и на други албански водачи, особено од С Македонија.
„Не сум изненаден од нивното заминување во Хаг. Обвиненијата ќе бидат проширени и на некои други албански водачи, особено од Северна Македонија, кои зедоа активно учество во војната во Косово. Судењата ќе траат со години, а обвинетите најмногу ќе се бранат од слобода поради доброволно предавање, но со оглед на притисокот врз сведоците на обвинителството и искуството на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, вкупните судења може да имаат поинаков тек. Судењата ќе траат долго, особено со оглед на најавата на обвинетите дека ќе ја докажат својата наводна невиност. Хашим Тачи и Кадри Весеjiи сигурно ќе одговараат за попречување на работата на Судот и ќе биде особено отежнувачка околност ако им се докаже дека тие (погрешно) користеле здруженија на ветерани за попречување на работата на Судот“, –
посочува Беќировиќ, како што пренесува „Новости“.
Тачи од вчера е во притвор во Хаг, заедно со уште тројца поранешни водачи на ОВК и носители на политички функции во Косово, откако во петокот се повлече од претседателското место затоа што Специјалното обвинителство гопотврди обвинението против него.