Ана Митреска и Игор Величковски вчера беа избрани од Собранието за вицегувернери на Народната банка со мандат од седум години, по предлог на гувернерот Трајко Славески
Новоизбраните вицегувернери на Народната банка, Ана Митреска и Игор Величковски, денеска дадоа свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши, со што официјално стапија на функциите.

Митреска и Величковски вчера беа избрани од Собранието за вицегувернери на Народната банка со мандат од седум години, по предлог на гувернерот Трајко Славески.
Ана Митреска е реизбрана на функцијата вицегувернер откако првпат беше именувана во октомври 2018 година. Таа е магистер по монетарна економија и има повеќе од 25 години работно искуство во Народната банка.
Игор Величковски е доктор по монетарна економија на Универзитетот во Стафордшир, Велика Британија, и повеќе од 30 години е дел од Народната банка. До изборот на функцијата вицегувернер, беше директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи, при што беше вклучен во клучни реформи на платната инфраструктура и процесите на нејзина модернизација, како и во приклучувањето на земјата кон Единствената европска област за плаќања – СЕПА во 2025 година.
