Ново мени за исхрана во градинките со цел да се исфрлат лошите навики во исхраната, но и повеќе да се внесува свежа и здрава храна. Ова го најавува министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, на денешниот состанок на кој присуствувале првата дама, Елизабета Ѓоргиевска, претставници од УНИЦЕФ, Институт за јавно здравје, МТСП и фармацевтската компанија Ново Нордиск, министерката Шахпаска посочила дека уште поважен е процесот на прифаќање и едукација на вработените во градинките, родителите и децата за важноста и потребата од внес на свежи и здрави продукти.
На состанокот, како што стои во соопштението од МТСП, првата дама, осврнувајќи се на нејзината професионалност, стоматологијата, посочила дека оралното здравје е значаен елемент во зачувувањето на општото здравје, и според неа, за тоа најважна улога има токму исхраната.
„Соговорниците изразија подготвеност за плодна соработка во периодот кој следува и уверување дека овој проект нема инстант резултати, но, предвидува долгорочни резултати во однос на здравјето на децата. Преку овие промени ќе се превенира дијабетот, кариесот, дебелината, што земаат сè поголем замав меѓу најмладата популација. Затоа што, присуството на овие состојби покажува дека постои одредено ниво на неизбалансираност на исхрана кај најмладите. Ова е сериозен предизвик за кој е потребен сериозен пристап“,
се вели во соопштението.
