Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, вели дека околу 70 земји ѝ пристапиле на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со барање за почеток на трговски преговори

ФОТО: EPA-EFE/KENT NISHIMURA / POOL
Новите царини што САД ги воведуваат за приближно 60 земји во светот, вклучително и онаа од 104 отсто за Кина, влегоа во сила. Царините го разнишаа глобалниот трговски поредок кој опстојува со децении, ги зголеми стравувањата од рецесија и избриша трилиони долари од пазарната вредност на големите фирми, пишува Ројтерс.
Кина е најтешко погодена од царините, но, не покажува знаци на повлекување, ветувајќи дека ќе води трговска војна „до крај“ и најавувајќи контрамерки за одбрана на своите интереси. Царините на Кина од 34 отсто за американските стоки треба да стапат во сила в четврток.
Трамп вчера рече дека неговата влада работи на „приспособени договори“ со трговските партнери, а од Белата куќа рекоа дека приоритет ќе им се даде на сојузниците како Јапонија и Јужна Кореја. Неговиот највисок трговски функционер Џејмисон Грир, исто така, изјави пред Сенатот дека Аргентина, Виетнам и Израел се меѓу оние кои понудиле да ги намалат нивните царини, пренесува „Гардијан“.
Трамп на вечерата во Националниот републикански конгресен комитет во Вашингтон синоќа го фалеше својот план за воведување царини велејќи дека лидерите од многу земји го бараат и молат за договор за царините, објави Еј-би-си њуз.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, вчера рече дека околу 70 земји и пристапиле на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со барање за почеток на трговски преговори.
„Овие земји имаат огромна почит кон претседателот“,
рече таа додавајќи дека трговски договори ќе се склучуваат само ако тоа е во корист на американските работници.
Левит истакна и дека Трамп веќе ја исполнува својата заложба за нова „златна ера за Америка“ и дека нема повеќе да дозволи американските компании да бидат оштетувани од „неразумни трговски практики“.
„Претседателот има ‘рбет од челик и нема да попушти под притисок, вклучително и под царински контрамерки како оние од Кина“,
додаде таа.
Во однос на заканата на Трамп да воведе дополнителни царини од 50 отсто кон Кина, со што вкупната давачка со која се соочува Пекинг би достигнала 104 отсто, таа потврди значителна ескалација меѓу двете суперсили додавајќи дека тоа ќе стапи во сила.
На прашањето дали Трамп би размислил за склучување договор со кинескиот претседател Си Ѓинпинг, таа рече дека претседателот верува дека Кина сака да склучи договор со САД.
„Кина мора да склучи договор со САД. Беше грешка што Кина возврати. Кога Америка е удрена, тој возвраќа посилно“,
истакна портпаролката.
Претходно, од 5 април американските царински службеници почнаа да ја наплаќаат едностраната царинска давачка од 10 проценти на увезените производи од повеќе земји.
Меѓу земјите кои први се погодени со „општата“ царинска давачка од 10 отсто се Австралија, Велика Британија, Колумбија, Аргентина, Египет и Саудиска Арабија.
Покрај високите царини за Пекинг, САД воведоа царини за увоз од десетици други земји, вклучувајќи 46 отсто за Виетнам, 32 отсто за Тајван, 25 отсто за Јужна Кореја, 24 отсто за увоз од Јапонија, 20 отсто за сите земји од Европската унија.