Угостителите реагираат дека мерките нема да го спречат ширењето на коронавирусот бидејќи граѓаните ќе се организираат да ја дочекаат Новата година на други места каде што не е ограничено работното време и каде што не се применува и контролира правилото „2Г“

Во Австрија од денеска стапија во сила заострени епидемиолошки мерки поради скокот на бројот на заразени со коронавирусот, кои донесоа и ограничување на работното време на угостителските објекти до 22 часот.
Исто така, мерките предвидуваат и строга контрола на спроведувањето на правилото „2Г“ кое значи дека во ресторани и кафулиња можат да влезат само вакцинирани или излекувани лица од ковид-19. Дополнително, угостителскиот објект мора на сите гости да им обезбеди место за седење, а при движење во објектот задолжително е носење маска.
Ограничувањето на работното време на угостителските објекти ги оневозможи новогодишните прослави за кои се подготвуваа голем број ресторани и кафулиња во Австрија, а некои продаваа и резервации.
„За жал ова не е година за новогодишни забави“,
порача вицеканцеларот Вернер Коглер.
Од друга страна, пак, угостителите реагираат дека мерките нема да го спречат ширењето на коронавирусот бидејќи граѓаните ќе се организираат да ја дочекаат Новата година на други места каде што не е ограничено работното време и каде што не се применува и контролира правилото „2Г“.
Во Австрија на сила е и мерка за влез во земјата која предвидува дека без да одат во карантин може да влезат само лица кои вакцинирани или прележале ковид и имаат негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа.