„Тие средства кога би се инвестирале како што јас велам, а не би се трошиле за ликвидност, ќе расте бруто-домашниот производ и кога ќе расте бруто-домашниот производ дури и со позајмени средства, вие можете да имате помал долг од тој што ви е иницијално“, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан дали постои фискален бафер за дополнително големо задолжување

360°: Дали со Велика Британија ќе се потпишува договор „влада со влада“?
Николоски: Не, не, сега засега нема таква работа. Повеќе би рекол со Велика Британија работиме на стратешко партнерство и така беа изјавите, ако ги следевте моите изјави од Лондон. Не исклучувам дека би се потпишало нешто што би било на линија на стратешко партнерство, но не и ова „влада со влада“.
360°: А тогаш, доизградбата на болницата во Штип, изградба на болницата во Кичево, реконструкцијата на болницата во Тетово, овие работи ги спомнуваше премиерот во последното интервју, како ќе се финансираат?
Николоски: Ќе ме почекате и ќе нè почекате уште месец, месец и пол, и ќе видиме детално.
360°: Ова со болниците дали е поврзано со Велика Британија?
Николоски: Не, поврзано е со еден поширок контекст на финансирање. Јас гледам максимално скромно да ги тераме работите, видовте дека ништо не најавувавме и еден ден излеговме на прес конференција јас, Таравари и премиерот Мицкоски и објавивме дека Воената болница, популарно наречена, или Градска болница „8 Септември“ целосно ќе се реконструира. Еве се реконструира и очекуваме септември-октомври да ја пуштиме во функција, така што не сакам да се фалам пред да ги завршуваме работите.
360°: Ако може да заклучувам, кога се зборува за нов инвестициски циклус од 5-6 милијарди евра, тој е поврзан со позајмување пари, со кредити?
Николоски: Секоја држава што се развива, функционира така. Не е ништо „бауч“ да се позајмуваат средства. Прашањето е за што се трошат и ова е критика за сите влади, не само за претходна влада. Голема грешка е што се позајмувале средства за ликвидност во буџетот, а не за проекти. Еве еден пример. Многу се зборуваше за унгарскиот кредит, ние таму заштедивме многу пари на граѓаните. Во јануари доспеваше т.н. еврообврзница од 500 милиони евра со каматна стапка што надминуваше 6%, тоа се многу пари. Што значи дека кога се повлекла таа еврообврзница, се зеле пари со 6 и нешто проценти камата, тоа се многу скапи пари. И ајде се зеле што се зеле, не се инвестирале во нешто што може да ги враќа парите – јас ви кажав точен економси податок колку пругата ќе враќа годишно – туку се потрошиле за ликвидност на буџетот, значи за плати, пензии, социјална помош итн. И затоа мислам дека кога се позајмуваат средства, треба да се позајмуваат за инфраструктурни проекти од кој било тип, а буџетсктите средства треба да се користат за ликвидност.

360°: Кога ги правите овие планови, ја имате ли на маса министерката за финансии? Ве прашувам од аспект на фискалниот бафер, зашто јавниот долг е, сепак, околу 60 отсто?
Николоски: Еве да разбијам уште еден мит што се комуницирал во минатото. Тука ќе имам сега можеби и еретичко мислење различно од сите министри за финанси во минатото, со исклучок на постојната, зашто со неа сме на иста линија. Значи, тие гледале проста математика и сметале вака – Македонија има задолженост од 60%, нешто пониска е, доколку повлечеме две милјарди евра за пругата, задолженоста ќе се качи, ќе карикирам, на 67-68% и тоа е веќе лошо за државата.
360°: Без да пресметуваат колку тоа придонесува за раст на БДП во меѓувреме?
Николоски: Точно, тие средства кога би се инвестирале како што јас велам, а не би се трошиле за ликвидност, ќе расте бруто-домашниот производ, и кога ќе расте-бруто домашниот производ дури и со позајмени средства, вие можете да имате помал долг од тој што ви е иницијално, затоа што грешката на претходните министри за финансии била тоа што го гледале апсолутниот, а не релативниот долг, односно ги гледале апсолутните бројки, а не ги споредувале со однос со бруто-домашниот производ.
360°: И вие сметате дека овој инвестициски бран од 5-6 милјарди евра, којшто пред сè ќе подразбира позајмување пари…
Николски: На крај ќе нè донесе до помал јавен долг од овој што го имаме сега.
360°: Не сум економист, но веројатно оваа изјава ќе биде предмет на дискусија.
Николоски: Јас исто не сум економист, завршив на Правен факултет, економските предмети ми беа сите десетки, ама ме научи работата, во политикава морате да имате економија кога работите. Лично сум инвестирал многу, сум читал многу, можеби требаше да завршам и факултет на толку поминато време и верувам во оваа економска теорија што ја споделувам со вас.