Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта истакна дека ЕУ ќе продолжи да го зголемува притисокот врз руската економија и веќе го подготвува 15-тиот пакет санкции против режимот на Путин за да ја ослабне способноста на Москва да води војна против Украина
Европската Унија ќе продолжи да ѝ дава на Украина економска, хуманитарна и воена помош. Дополнително, Унијата ќе издвои и 4,2 милијарди евра за поддршка на украинскиот буџет до крајот на годината, а следната година 1,5 милијарди евра месечно ќе ѝ се испраќаат на Украина од приходите обезбедени од замрзнувањето на руските средства, вклучувајќи го и финансирањето на украинските одбранбени трошоци.
Ова вчера во Киев го изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на заедничка прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски, јави дописникот на „Укринформ“, пренесува „Киев пост“.
Кошта ги осуди руските нехумани, непромислени и насочени напади врз цивилната инфраструктура и енергетскиот систем на Украина.
Според Кошта, тоа била една од причините за посетата, со цел да им се каже на Украинците дека ЕУ стои на страната на Украина од почетокот на војната и дека Киев сè уште може да смета на поддршката од ЕУ – не само со зборови, туку исто така преку хуманитарна, економска, воена и енергетска помош. Кога станува збор за енергијата, ЕУ ветува заеднички напори за обновување на постоечките капацитети за производство на енергија, нагласи Коста.
Тој исто така истакна дека ЕУ ќе продолжи да го зголемува притисокот врз руската економија и веќе го подготвува 15-тиот пакет санкции против режимот на Путин за да ја ослабне способноста на Москва да води војна против Украина.
Претседателот на Европскиот совет ги отфрли нуклеарните закани на Кремљ како „неприфатливи“, истакнувајќи дека секоја отстапка за агресорот претставува закана за меѓународната заедница и основните принципи на Повелбата на ОН, вклучувајќи го и почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите.
Како што беше претходно објавија украинските медиуми, вчера ненајавено во Киев пристигнаа претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, високата претставничка на ЕУ Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Тие ја посетија Украина на првиот ден од нивниот мандат.