Папата Лав XIV рече дека Светата столица е секогаш подготвена да помогне во зближувањето на страните во конфликтот за да се соочат едни со други, да разговараат и народите повторно да можат да ја пронајдат надежта и достоинството што ги заслужуваат – достоинството на мирот

Папата Лав Четиринаесетти денеска објави дека е подготвен да посредува меѓу лидерите на земјите што се во војна, велејќи дека лично ќе направи сè за да се постигне мир, пренесува агенцијата Франс прес (АФП).
Новиот поглавар на Католичката црква, кој минатата недела ја презеде функцијата водач на 1,4 милијарди католици ширум светот, им се обрати на верниците собрани во салата Павле Шести во Ватикан на настан посветен на Јубилејната 2025 година и 23 источни католички цркви.
„Од Светата земја до Украина, од Либан до Сирија, од Блискиот Исток до Тигар и Кавказ, колку насилство гледаме. Верувам дека ќе направам сè за да преовлада мирот“,
рече папата, повикувајќи ги собраните да се молат за мир.
Папата Лав XIV рече дека Светата столица е секогаш подготвена да помогне во зближувањето на страните во конфликтот за да се соочат едни со други, да разговараат и народите повторно да можат да ја пронајдат надежта и достоинството што ги заслужуваат – достоинството на мирот.
„Народите во нашиот свет сакаат мир. Упатувам искрен апел до лидерите: да се сретнеме, да разговараме, да преговараме!“,
рече тој.
Ова е првото големо дипломатско излегување на новиот папа откако е избран, а доаѓа во време кога се случуваат брутални вооружени конфликти во голем број региони – од Украина до Блискиот Исток и Африка. Светата столица традиционално се стреми да игра улога на миротворец, а папата Лав XIV јасно стави до знаење дека сака дополнително да ја нагласи оваа улога за време на неговиот понтификат.