На првиот работен ден како министер за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа одржал работна средба со заменик-министерката Ане Лашкоска и со раководниот тим во Министерството при што бил информиран за тековните состојби, активните проекти и предизвиците со кои се соочува ресорот
Новоизбраниот министер за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа денеска и официјално стапи на функцијата и ги презеде надлежностите за раководење со ресорот кој досега го водеше Изет Меџити од ВЛЕН.

На првиот работен ден како министер за животна средина и просторно планирање, Хоџа одржал работна средба со заменик-министерката Ане Лашкоска и со раководниот тим во Министерството при што бил информиран за тековните состојби, активните проекти и предизвиците со кои се соочува ресорот.
Како прв човек на МЖСПП, како што нагласил Хоџа, ќе стави на доследно спроведување на законите, зајакнување на инспекцискиот надзор, транспарентна комуникација со јавноста, како и целосно усогласување со Европскиот зелен договор и обврските што произлегуваат од процесот на европска интеграција. Дополнително, најавил и активно вклучување на граѓанските организации, научната и академската заедница, локалните самоуправи и сите релевантни чинители во насока на изнаоѓање најдобри решенија за еколошките предизвици на замјата.
На предлог на Владата, Мухамед Хоџа на вчерашната собраниска седница беше избран за нов министер за животна средина и просторно планирање. Тој доаѓа на местото на поранешниот прв вицепремиер и министер Изет Меџити кој на локалните избори во октомври годинава беше избран за градоначалник на Чаир.
