Мицкоски во објава на својот фејсбук-профил вели дека во рамките на кадровските освежувања Извршниот комитет донел одлука за распишување огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ

Новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска ја одржа првата седница на која се избрани претседатели на неколку партиски комисии.
Извршниот комитет, кој беше избран во петокот, денеска донесе одлука за претседател на комисијата за здравство да биде назначен актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, а комисијата за безбедност и одбрана ќе ја раководи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
За претседател на кадровата комисија е избран Благоја Ташаминов, а нов претседател на комисијата за туризам е Аккан Махмут.
За претседател на градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран актуелниот министер за локална самоуправа Златко Перински.
За седницата на Извршниот комитет и за новите решенија во партијата информира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски.
Мицкоски во објава на својот фејсбук-профил вели дека во рамките на кадровските освежувања Извршниот комитет донел одлука за распишување огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на седница што се одржа во петокот, го избра новиот состав на Извршниот комитет на партијата, а лидерот и премиер Христијан Мицкоски рече дека тој е спој на искусни и нови членови.
Тој најави дека во периодот што следува ќе има кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи, луѓе и нова енергија.
