Макрон најави дека буџетот за 2025 година ќе биде еден од првите приоритети на неговата администрација, кој вклучува планирање на социјални реформи, развој на инфраструктурата и зајакнување на економската стабилност на земјата

Францускиот претседател Емануел Макрон, во вечерашниот говор откако премиерот Мишел Барние денеска и формално поднесе оставка по вчерашното гласање за недоверба на владата, рече дека Франција мора да се обнови и да се зајакне во време кога земјата се соочува со бројни внатрешни и надворешни предизвици.
Претседателот посочи дека е неопходно да се врати довербата на граѓаните во властите и политичките институции.
„Секаде каде што има ранливост, ние треба да ја вратиме нашата сила. Секаде каде што има поделби, ние мора да ги обединиме луѓето а секаде каде што има простор за вознемиреност и очај, треба да внесеме надеж“,
рече Макрон, пренесува Би-би-си.
Макрон во говорот ги осуди политичките партии одговорни за актуелната нестабилност, особено во контекст на гласањето недоверба на неговата влада.
„Некои избраа хаос. Не сакаат да градат, сакаат да рушат“,
рече тој, покажувајќи со прст кон екстремната десница и левица за кои рече дека се обединети „антирепубликански фронт“.
Претседателот истакна дека ова не е момент за политичка поларизација, туку за одговорност и соработка со цел закрепнување на Франција.
Зборувајќи за неговиот политички ангажман, Макрон изјави дека нема амбиции за реизбор во 2027 година, и дека ќе продолжи да се фокусира на интересите на нацијата.
„Мојата цел е да ја направам Франција посилна и поправедна. Ќе останам претседател до крајот на мојот мандат, бидејќи верувам во вредностите и одговорноста што доаѓаат со мојата работа и одговорноста за земјата“,
рече Макрон.
Тој додаде дека неговата администрација ќе ја насочи својата енергија на соочување со предизвиците кои претстојат во наредните години.
Претседателот најави и дека во наредните денови ќе именува нов премиер, зборувајќи за важноста да се продолжи политичката работа без прекини.
Исто така, Макрон најави дека буџетот за 2025 година ќе биде еден од првите приоритети на неговата администрација, кој вклучува планирање на социјални реформи, развој на инфраструктурата и зајакнување на економската стабилност на земјата.
Тој му се заблагодари на поранешниот премиер Мишел Барние, кој поднесе оставка по гласањето недоверба, велејќи дека покажал посветеност и волја да се соочи со предизвиците пред него.
Макрон го спомена и повторното отворање на познатата париска катедрала Нотр Дам, која беше тешко оштетена од пожар во 2019 година.
„Франција знае како да прави големи работи“,
рече претседателот, повикувајќи ги граѓаните повторно да ги подигнат стандардите и да продолжат да ја градат земјата.
Франција се најде во политичка криза откако вчера Долниот дом на парламентот на земјата ѝ изгласа недоверба на малцинската влада на премиерот Мишел Барние, кој функцијата ја извршуваше само три месеци.
Барањето за гласање недоверба пред францускиот парламент го поднесе сојузот на крајнолевичарските партии, а беше поддржан од пратениците од екстремно десничарскиот Национален фронт на Марин Ле Пен.
За соборување на владата на Барние вечерва гласаа вкупно 331 пратеник, што е значително повеќе од неопходното мнозинство од 288 гласа.
Лидерката на француската крајна десница Марин Ле Пен по падот на владата изјави дека притисокот врз Макрон расте, но дека таа не бара негова оставка, нагласувајќи дека само тој може да одлучи за тоа.
Инаку, ова е првпат од 1962 година француската влада да падне поради гласање недоверба.Тогаш беше соборена владата на Жорж Помпиду, додека претседател на земјата беше Шарл де Гол. Со денешното гласање недоверба, кабинетот на Барние стана влада со најкраток век од која било администрација на Петтата француска република, која започна во 1958 година.