Прво треба да се елиминира најблагата мерка за обезбедување присуство на осомничен или обвинет, пред да се бараат построги мерки, вели новиот државен јавен обвинител Ненад Савески. Дополнително, вели тој, условите во притворските одделенија во државата се нехумани, а секој притвореник е и трошок за државата
Наместо воспоставената пракса лесно да се ставаат осомничени и обвинети лица во затворски притвор, Савески смета дека почесто треба да се употребуваат гаранциите. Ем државата нема да има големи трошоци, ем лицето кое остава гаранција ќе биде соочено со загуба ако реши да побегне

Мерката притвор, во правната теорија, претставува гаранција за обезбедување присуство преку ограничување на слободата на осомничено или обвинето, но de jure невино лице, затоа што има опасност да побегне, да го повтори делото кое му се става на товар или поради можност да влијае врз постапката. Долгогодишна пракса во земјава е да се бара и да се одобрува притвор и тоа затворски, во висок процент од кривичните предмети кои ги води обвинителството.
Таквата политика низ годините имаше свои критичари и меѓу теоретичарите и меѓу практичарите, а токму новиот државен јавен обвинител Ненад Савески важеше за судија кој не ги прифаќаше секогаш таквите барања на обвинителството.
Во гостувањето во „360 степени“ на МРТ 1, негово прво интервју по изборот, говорејќи за модернизација на обвинителството, кажа дека притворот ќе биде една од темите за кои ќе воведе промени.
Савески: Сето она што произлегува од праксата на Судот во Стразбур, односно одлуките, особено одлуките коишто се однесуваат и нè коригираат нас во постапувањето, секој јавен обвинител да ги има предвид.
360°: Тука мислите, на пример, и на притворот?
Савески: Да, вклучително и на притворот, којшто се регулира со член 5 од Европската конвенција за човекови права и слободи.
360°: И каков е вашиот генерален однос кон таа тема? Кога и колку треба да се определува притвор? Вие сте биле судија на претходна постапка во одделот за организиран криминал и корупција во Основниот кривичен суд Скопје и многупати сте решавале за предлог од обвинителството некому да му биде определен притвор или да добие друга мерка за обезбедување присуство.
Савески: Ние сме сиромашна држава. Притворот е најригорозна мерка од мерките коишто ги нуди Законот за кривична постапка. Меѓутоа и најскапа, и најнехумана. Еден ден во притвор значи одвојување на парични средства од буџетот. Како сиромашна држава треба да водиме сметка и за тоа. Да се однесуваме согласно нашите можности. Ако куќниот притвор може да ги задоволи потребите за обезбедување на конкретен обвинет во една постапка, зошто секогаш да почнеме од најстрогата мерка, којашто кажувам дека е најскапа и најнехумана? Кога го спомнувам и тоа дека таа мерка сама по себе не е хумана, тука ги имам предвид и условите во коишто се издржуваат притворите. Нашите казнено-поправни установи, институциите каде што се издржува мерка притвор, според извештаите од меѓународниот фактор, не се на задоволително ниво. Напротив, условите во коишто се издржуваат овие мерки се нехумани. Тоа треба да се има во предвид за нас од финансиски аспект, за имиџот на нашата држава пред меѓународниот фактор од аспект на хуманост, и трета работа којашто е битна во притворот: секогаш треба да се има предвид, дека треба да се почне од најблагата мерка, па до најстрогата. Прво треба да се елиминира најблагата, ако со неа не може да се обезбеди присуство на обвинетиот, па потоа… Јас, на пример, и како судија и претходно кога сум бил обвинител, сум бил поборник секогаш да применам поблага мерка, а мерката притвор да ја избегнам.
Во продолжение на разговорот, Савески потврди дека не само што ќе се обиде да го пренесе овој пристап во јавното обвинителство, туку и дека ќе биде негов начин на воспоставување стандарди на постапување.
Соочен со фактот дека домашната јавност го доживува секој домашен притвор како заговор за политичка или друг тип поддршка, Савески изјави:

„Таа перцепција на јавноста и мене ми била предмет на анализа и веројатно се должи на сите претходни одлуки коишто ги носи јавното обвинителство или судството. Меѓутоа, токму и затоа сакав да го објаснам мојот став на вака подетален начин за да разбере јавноста дека мерката притвор не оди секогаш со секое поднесување на обвинение или отворање на истрага“.
А, како да се спречат бегства, беше следното прашање до државниот јавен обвинител.
„Па бегствата можат многу ефикасно да се спречат со гаранции. Гаранциите се доста ефикасна мерка за обезбедување присуство. Тоа е мерка којашто упатува токму на моиве ставови коишто претходно ги изразив. Доколку некој побегне, а оставил гаранција – тој имот, недвижен или подвижен имот, како и да е, има одредена вредност. Таа вредност, доколку побегне, останува сопственост на нашата држава. Којашто, нели, ако можам така да се изразам, имаме финансиска состојба за којашто треба да водиме сметка – тие финансиски средства, тој капитал, со продажба на тој капитал, станува дел од буџетот и е на располагање на сите граѓани, вклучително и на правосудните институции“,
вели Савески.
Почестата употреба на гаранцијата како мерка за обезбедување присуство наместо притворот, смета Савески, нема да придонесе за повеќе бегства особено од богатите, кои можат да си дозволат да ја остават гаранцијата. Според него, висината на гаранцијата се определува сообразно со висината на богатството.
Тој што создал капитал, логично е да се претпостави дека сака и да го задржи, вели Савески.
