Новинарот на „360 Степени“ Зоран Јованоски ја доби овогодинешната награда на конкурсот „Жан Моне“ за најдобра новинарска сторија кој го објавува Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми.
Освен за најдобра сторија, се доделија и награди за најдобра репортерска фотографија, која ја доби фоторепортерот во весникот Вечер Наке Батев, и најдобра аматерска фотографија, која ја доби Столе Марковски од Кочани.
Наградената сторија на „360 Степени“ се однесува на состојбата со меѓуетничката интеграција во училиштата.
„Снимавме во многу училишта, па колегите во мојата редакција ме прашуваа дали има училиште во кое не сум снимал. Дозволете ми кратко да се навратам на нешто лично. Училиштето во кое завршив основно образование во Тетово беше етнички мешано. Се разочарав кога пред некоја недела снимав таму, токму во моето училиште, и видов дека тоа е речиси моноетничко. Едноставно родителите решиле да не ги мешаат децата, да ги разделат и да ги запишуваат во етнички чисти училишта, па се почувствував поразено зашто не очекував таков расплет на настаните. Ова е мое лично искуство кое за жал денеска го имаат многу ученици во етнички мешаните средини“, рече новинарот Јованоски.
Тој рече дека правото на користење на мајчиниот јазик во образованието е важно за помалите етнички заедници да почнат да ја чувствуваат државата како своја.
„Пред две недели објавивме продолжение на сторијата што вечерва е наградена. А, тоа е дека во шест скопски средни училишта се одржуваат заеднички двојазични часови по некои предмети од редовната настава што се први сигнали во интегрирачка насока“, рече Јовановски.
На сторијата работеа и снимателот Иван Нишотовски, монтажерот Роберт Блажевски и Никола Станков – графика.
Жирито кое ја додели наградата се состои од седум члена: претставникот од Делегацијата на Европската Унија Александар Меломед, претставник од Секретаријатот за европски прашања Мирослав Саздовски, минатогодишниот победник во рамки на категоријата за најдобра репортерска фотографија Томислав Георгиев, минатогодишниот победник во рамки на категоријата за најдобра новинарска сторија Бојан Блажевски, претставникот од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници Дарко Дуридански, претставничката од Македонскиот институт за медиуми Сања Васиќ, и истакнатиот хрватски новинар Саша Лековиќ како почесен претседател на жирито.
Сторијата можете да погледнете во продолжение.