Наградената сторија на нашиот колега е на тема „Денационализацијата заглавена во корумпираност и неспособност на институциите“
Првата награда ја доби новинарската екипата на Истражувачката репортерска лабораторија за сторијата „Урбани атентатори“, додека второто место е за серијалот објавен во емисијата КОД „Кичевски убиства: Осуден на доживотна казна за убиство кое не го сторил“, на авторите Снежана Лупевска, Билјана Николовска и Миомир Серафиновиќ
Новинарот на „360 степени“ ја доби третата награда што Европската Унија им ја доделува на истражувачки новинари. Наградената сторија на нашиот колега е на тема „Денационализацијата заглавена во корумпираност и неспособност на институциите“.

Првата награда ја доби новинарската екипата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за сторијата „Урбани атентатори“, додека второто место е за серијалот објавен во емисијата КОД на Телма, „Кичевски убиства: Осуден на доживотна казна за убиство кое не го сторил“, на авторите Снежа Лупевска, Билјана Николовска и Миомир Серафиновиќ.

Наградената сторија на „360 степени“ може да ја погледнете тука:
Од пристигнатите 24 стории на различни теми на конкурсот објавен во јуни, во претселекцијата се избрани 11 во потесен избор, а наградени се три.
Одлуката била донесена од тричлено жири, со кое претседавала Весна Никодиновска од МИМ, а членови биле Марина Костова од „Сакам да кажам“ и Милица Шариќ, новинарка од Србија.
Првата награда е за видеосторијата „Урбани атентатори“, изработена од тим од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за урбаната мафија во промената на ДУП на Тафталиџе. Втората награда ја доби видеосторијата за кичевските случаи и осудените лица за убиство кое не го извршиле на Снежана Лупевска, Билјана Николовска и Миомир Серафимовиќ за емисијата КОД, а третата награда е за видеосторијата за процесот на денационализација на Петар Клинчарски од редакцијата „360 степени“.
Наградите од Европска Унија за истражувачко новинарство за 2019 година беа денеска доделени на церемонија организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

На доделувањето се обратија евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир и претседателката на жирито за наградата Весна Никодиновска.
„Живееме во исклучително време каде што ширењето на коронавирусот и многуте ограничувања на нормалните активности ја оптоваруваат работата на новинарите. Лажните вести се еден таков пример, бидејќи нивното лесно ширење е еден од најголемите предизвици во светот денес. Ова е предизвик кој ги поткопува темелите на демократијата, довербата во институциите, но и во новинарството како професија. Ефективен одговор на овие предизвици лежи во два елемента. Прво, клучно е да продолжи да се негува независното и професионално новинарство и второ, должност на сите нас е да промовираме истражувања и медиумски писмена публика која нема да биде лесно поводлива по лажни вести или искривени извештаи“,
рече амбасадорот Гир.
Квалификувани за наградата беа истражувачките стории објавени од 1 јануари до 31 декември 2019 година, а се поврзани со слободата на изразување, владеењето на правото, транспарентноста, злоупотребата на моќта и основните права, корупцијата и организираниот криминал.

Наградниот фонд во секоја земја изнесува 10 000 евра. Првата награда е 5 000 евра, втората 3 000, а третата 2 000 евра.
Наградите за истражувачко новинарство беа воведени од страна на ЕУ и имплементирани од локални партнери во 2015 година со цел да се прослават и да се промовираат извонредните достигнувања на истражувачките новинари, како и да се зголеми видливоста на квалитетното новинарство во земјите од Западен Балкан и Турција.
Жирито за наградата од ЕУ го сочинуваат експерти за медиуми, уредници, членови на академската заедница и докажани новинари.
Активностите поврзани со наградата од ЕУ во Северна Македонија ги координира Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.