Пресудата денеска ја донесе градскиот суд во Москва, кој, како што пренесуваат медиумите, бил преполн со новинари, дипломати и поддржувачи на новинарот
Во својот завршен говор пред судот минатата недела, Кара-Мурза со пркосен тон одби да побара од судот да биде ослободен и рече: „Се обвинувам себеси само за една работа. Што не успеав да ги убедам моите сонародници и политичарите во демократските змеји за опасноста што актуелниот режим на Кремљ ја преставува за Русија и светот“
Еден од најгласните критичари на Кремљ, новинарот Владимир Кара-Мурза е прогласен за виновен за предавство и ширење на лажни информации и осуден на максимална казна затвор од 25 години, јавуваат светските медиуми.

Пресудата денеска ја донесе градскиот суд во Москва, кој, како што пренесуваат медиумите, бил преполн со новинари, дипломати и поддржувачи на новинарот.
Според групите за човекови права обвиненијата, кои Кара-Мурза ги негираше, а врз основа на кои сега е осуден се обид на Кремљ да го замолчи еден од неговите најгласни критичари.
Во својот завршен говор пред судот минатата недела, Кара-Мурза со пркосен тон одби да побара од судот да биде ослободен и рече дека стои зад сè што кажал, пишува Гардијан.
„Се обвинувам себеси само за една работа. Што не успеав да ги убедам моите сонародници и политичарите во демократските змеји за опасноста што актуелниот режим на Кремљ ја преставува за Русија и светот“,
рече 41-годишниот Кара-Мурза (41), кого Амнести интернешнл (Amnesty International)го нарече „затвореник на совеста“.
Кара-Мурза беше уапсен во април минатата година под обвинение за ширење на, според руските власти, лажни вести за армијата на земјата.
Во август 2022 година, тој беше обвинет дека е поврзан со „непожелна организација“ поради учество на конференција за поддршка на политичките затвореници.
Два месеци подоцна тој беше обвинет за предавство поради критиките упатени до властите во Москва кои ги изнел на три јавни настани во странство.
Инаку, Кара-Мурза е руски државјанин по раѓање, но поседува и британско државјанство кое го добил откако на 15 години со својата мајка се преселил во Обединетото кралство.
Активистот и новинар беше близок соработник на рускиот опозициски лидер Борис Немцов, кој беше убиен во близина на Кремљ во 2015 година. Тој беше близок и со поранешниот олигарх Михаил Ходорковски кој стана критичар на рускиот претседател Владимир Путин.
Поради неговите политички активности, Кара-Мурза, како што тврдеше самиот, преживеал два обиди да биде отруен, но и покрај тоа продолжил да поминува долги периоди во Русија.
Тој во интервју за новинската агенција АФП во јуни 2021 година рече дека нема намера трајно да ја напушти Русија.
Новинарот и активист во октомври 2022 година ја доби наградата за човекови права Вацлав Хавел на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Русија го додаде Кара-Мурза на својата листа на „странски агенти“, етикета ознака која потсетува на ознаката „непријател на народот“ што се користеше во советско време за изолација на дисидентите, потсетува АФП.
Напорите на властите во Москва за потиснување на критичарите добија на интензитет по инвазијата на Украина во февруари, минатата година. Оттогаш сите најистурени политички противници на Путин или побегнаа од земјата или се во затвор.
Најгласниот домашен критичар на Путин, Алексеј Навални во моментов отслужува деветгодишна затворска казна поради проневера.
Друг истакнат опозициски политичар, Илја Јашин, беше осуден минатиот декември на осум години и шест месеци затвор за неговите изјави поврзани со војната во Украина.
Инаку, Кара-Мурза беше еден од клучните поборници на американскиот закон „Магнитски“, кој предвидува санкции за прекршителите на човековите права во Русија.
Од 2016 година, овој закон и дава на американската влада овластување да санкционира странски владини службеници ширум светот за кои се смета дека ги прекршуваат човековите права, како и да ги замрзне нивните средства и да им забрани влез во САД.
На 3 март, САД воведоа санкции за шест лица, меѓу кои и тројца судии, за нивната улога во одредувањето притворот на Кара-Мурза.