Од Здружението на новинарите на Македонија потсетуваат дека напад на новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело и МВР и Обвинителството имаат обврска да постапуваат по службена должност
Како одговор на новинарски прашања во врска со нападот врз новинарот Салиу, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија попладнево информираа дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево е известен за настанот и ги дава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на случајот
Новинарот на „ПорталИкс“, Фуркан Салиу денеска преку социјалните мрежи информира дека бил физички нападнат од извршителката Весна Јакимовска додека со екипа снимал продолжение на серијалот истражувачки стории во врска со нејзината работа.

Во видеообјавата на Фејсбук новинарот вели дека додека ја извршувале службената задача, од страна на извршителката им бил искршен микрофонот, а тој бил физички нападнат.
Салиу во објавата, снимена додека со возило се движи кон полициска станица за да даде изјава во врска со настанот, вели дека целиот инцидент е снимен и дека вечерва ќе биде објавен од медиумот.
„Чекаме да дадеме изјава и веруваме дека Обвинителството и полицијата ќе бидат праведни и вистината ќе излезе на виделина. Микорофонот е скинат, извршен е физички напад врз мене. Чекам тоа да го потврди и лекар откако ќе завршам во полициската станица. Мора да ги пофалам полицајците за коректниот однос, но ќе видите во видеото вечерва како реагира еден извршител, којшто извршува една многу битна функција“,
вели новинарот во видеообјавата на социјалната мрежа.
Во меѓувреме, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) преку соопштение го осуди нападот врз новинарот од страна на извршителката од Кичево и побара од надлежните институции – кичевското Обвинителство и полицијата да ги преземат сите мерки во врска со случајот.
„Овој скандалозен настан следува по серијата истражувачки стории поврзани со извршителката од страна на ‘ПорталИкс’ и Салиу, кој денеска при земање на изјава од извршителката бил физички нападнат од неа и притоа се здобил со повреда на раката, но и скршен микрофон од неговата опрема. Колегата Салиу на местото на настанот повикал полиција и во моментов дава исказ во полициската станица. За овој настан известен е и обвинител од Кичево“,
се наведува во реакцијата од ЗНМ.
Од Здружението информираат дека веднаш стапиле во комуникација со контакт-точките во Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за вакви случаи со цел одблизу да ги следат случувањата во врска со инцидентот.
„Контакт точките, лицата во МВР и ОЈО се од голема важност во контекст на брза и ефективна комуникација со ЗНМ кога станува збор за повреда на право на новинар или медиумски работник и овозможува поголема институционална заштита“,
велат од ЗНМ.

Оттаму потсетуваат дека напад на новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело и МВР и Обвинителството имаат обврска да постапуваат по службена должност.
„Бараме од МВР и ОЈО да спроведат брза и ефикасна истрага во интерес на санкционирање на напаѓачот, во овој случај извршителката Јакимовска“,
велат од Здружението на новинарите на Македонија.
Освен кривична одговорност, од ЗНМ информираат дека ќе побараат и дисциплинска мерка за Јакимовска согласно Кодексот на професионалната етика на извршителите, односно да ѝ биде одземена лиценцата за работа од страна на Комората на извршители на Република Северна Македонија.
Како одговор на новинарски прашања во врска со нападот врз новинарот Салиу, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија попладнево информираа дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево е известен за настанот и ги дава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на случајот.
„Предметот е евидентиран во статистиката на пријавени напади врз новинари што ја води Јавното обвинителство и по преземање на сите дејствија ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката“,
велат од Јавното обвинителство на РСМ.

Во меѓувреме се чека и Министерството за внатрешни работи да излезе со првична информација во врска со инцидентот.