Новинарката Душица Мрѓа од ТВ 24 ќе биде во 14-дневна домашна самоизолација по препорака на епидемиолозите, соопштија од телевизијата, откако пратеникот Мухамед Зекири објави дека е заразен со коронавирус.
Мрѓа ја водеше дебатата „Отворено студио“ во која учествуваа Зекири и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Од телевизијата соопштија дека при реализација на дебатата и при доаѓањето на гостите, се испочитувани сите неопходни протоколи за физичко растојание меѓу присутните, а и студиото каде бил присутен Зекири е дезинфицирано.
Во комуникација со епидемиолозите преземени се дополнителни мерки за да се превенира каков било ризик, а телевизијата продолжува непречено со работа и во наредниот период, со почитување на препораките на здравствената комисија и протоколите за работа во услови на епидемија, се вели во соопштението од ТВ 24.
Мрѓа на Фејсбук напиша дека се чувствува добро и дека првиот тест ќе го направи на средина на следната недела.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на Фејсбук објави дека веќе се тестирал и ги чека резултатите.