Таа изјави дека нејзиното прашање до Вучиќ било извадено од контекст и дека погрешно се толкувало во јавноста
Новинарката и уредничка на Радио-телевизија Србија (РТС), Бојана Млаѓеновиќ, се извини откако студенти во Белград ја блокираа зградата на јавниот сервис, реагирајќи на тоа што таа ги нарече „толпа“ (руља) за време на вчерашниот разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Таа изјави дека нејзиното прашање до Вучиќ било извадено од контекст и дека погрешно се толкувало во јавноста.
„Во еден момент од разговорот со претседателот, го прашав што ќе се случи доколку ‘толпата’ тргне кон студентите во Пионирскиот парк, алудирајќи на неговите тврдења за тоа кој сè ќе се најде во масата што ќе им се приклучи на студентите на протестот закажан за 15 март. Веднаш по одговорот на претседателот прецизирав дека студентите никако не ги сметам за ‘руља’, туку дека зборот се однесуваше на оние што, според него, имаат намера да применат насилство“,
објасни таа.
Млаѓеновиќ додаде дека сака да ја искористи оваа прилика да ѝ се извини на јавноста „за самата употреба на таков збор во каков било контекст“.
„Тој збор, инаку, не е дел од мојот новинарски речник“,
додаде Млаѓеновиќ.
Студентите ја започнаа блокадата на зградата на РТС во текот на ноќта, поради тоа што на јавниот сервис беа наречени „толпа“. Според најавите, блокадата треба да трае 22 часа.