Новинарката Рита Бехадини во ЗНМ, каде што денеска пријавила за случајот, посочила на објава од извесен профил на социјалната мрежа, именуван како Fisnik Hoxha, со следната закана: „Ај избриши го постот што го напиша против оџата (од Сарај), семејството ќе ти го е****. Утре ќе дојдам пред Алсат, увото ќе ти го исечам со нож”
Случајот е пријавен во полиција и од Здружението на новинарите бараат брза и ефикасна истрага за пронаоѓање на заканувачот или заканувачите
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска побара итна реакција од надлежните органи поради експлицитни закани упатени кон новинарката на ТВ Алсат М, Рита Бехадини за нејзина објава поврзана со јавен став искажан од страна на оџата од Сарај на социјалната мрежа Фејсбук.

Како што информираат од ЗНМ во писмено соопштение, објавено на официјалната интернет-страница на Здружението, Бехадини денеска се обратила до ЗНМ, каде што пријавила дека во последните неколку дена е цел на закани од лица со профили на Фејсбук, меѓу кои посочила една која се издвојува поради експлицитноста на заканата.
Имено, како што се наведува, во објава од извесен профил на социјалната мрежа, именуван како Fisnik Hoxha, е посочена следната закана:
,,Ај избриши го постот што го напиша против оџата, семејството ќе ти го е****. Утре ќе дојдам пред Алсат, увото ќе ти го исечам со нож”.
Од ЗНМ посочуваат дека заканата претставува директен повик за физичко насилство кон новинарката, со што се загрозува нејзината безбедност, а потенцијално и сигурноста на останатите нејзини колеги од овој медиум.
Случајот е пријавен во полиција и од Здружението на новинарите бараат брза и ефикасна истрага за пронаоѓање на заканувачот или заканувачите.
„Оваа експлицитна закана по животот на новинарката Бехадини е пријавена до Министерството за внатрешни работи (МВР), до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и во исто време ЗНМ ќе инсистира на брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на авторот или авторите на оваа закана“,
се наведува во соопштението на ЗНМ.
Оттаму укажуваат дека заканите по живот се кривични дела опфатени во Кривичниот законик, за што е предвидена затворска казна.
„Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство (ОЈО) треба веднаш да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот, но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина“,
додаваат од Здружението на новинарите.
Од ЗНМ потсетуваат дека за ваков тип закани Здружението оваа година издаде Протокол за безбедност на новинарите на интернет, кој нуди практични чекори како новинарите да постапат кога ќе се најдат на мета на закани преку социјални мрежи и воопшто на интернет. Протоколот посочува на проактивна вклучност на МВР во заштита на новинарите и медиумските работници, со посебен фокус на жените новинари.