Новинарот на „Атлантик“ објави дека бил додаден во група во која биле и потпретседателот Венс и министерот за одбрана Хегсет, а во која биле објавени детални планови за нападот извршен на 15 март од страна на американската војска врз јеменските хути, и тоа два часа пред да бидат извршени
Потоа, како што пишува новинарот, во разговорот детално се разгледувале сите аспекти на операцијата, како времето и целите на нападите, можните реакции од другите држави, можните ризици и последици. Според Голдберг, потпретседателот Венс бил против избрзан напад и се обидел да ги убеди другите учесници во дискусијата да се одложи операцијата, но неговиот став не наишол на поддршка
Членови на Советот за национална безбедност на Соединетите Американски Држави (САД) ја користеле апликацијата Сигнал да разговараат за претстојната воена операција за напад на јеменските хути, а во групниот разговор со нив се нашол и новинарот Џефри Голдберг, главен уредник на „Атлантик“.
Во групниот разговор учествувале 18 претставници на американскиот државен врв, како министерот за одбрана Пит Хегсет, државниот секретар Марко Рубио, потпретседателот Деј-Ди Венс, советникот за национална безбедност Мајк Волц и други високи функционери.
Новинарот на „Атлантик“ објави дека бил додаден во група во која биле и потпретседателот Венс и министерот за одбрана, Хегсет, а во која биле објавени детални планови за нападот извршен на 15 март од страна на американската војска врз јеменските хути, и тоа два часа пред да бидат извршени.

„Министерот за одбрана Питер Хегсет во групата го испрати планот за напад два часа пред почетокот, вклучувајќи прецизни детали за оружјето, целите и распоредот“,
пишува Џефри Голдберг, главен уредник на „Атлантик“.
Голдберг пишува дека на 11 март 2025 година добил барање за поврзување на Сигнал од корисник идентификуван како Мајкл Волц. Сепак, не претпоставувал дека барањето е од вистинскиот Мајкл Валц. Го прифатил барањето за поврзување, а два дена подоцна на 13 март во 16:28 часот добил известување дека треба да се вклучи во групата за разговор.
Потоа, како што пишува новинарот, во разговорот детално се разгледувале сите аспекти на операцијата, како времето и целите на нападите, можните реакции од другите држави, можните ризици и последици. Според Голдберг, потпретседателот Венс бил против избрзан напад и се обидел да ги убеди другите учесници во дискусијата да се одложи операцијата, но неговиот став не наишол на поддршка.
По почетокот на воената операција Голдберг побарал официјален коментар од Советот за национална безбедност.
Белата куќа потврди дека новинарот случајно бил додаден во групен разговор во кој претставници на американската национална безбедност планирале напад.
Портпаролот на Советот за национална безбедност, Брајан Хјуз, рече дека се чини оти групниот разговор е автентичен.
„Анализираме како новинар е додаден на оваа група“,
изјави за Би-би-си Брајан Хјуз, портпарол на Советот за национална безбедност.
Протекувањето на овие информации е жестоко критикувано од демократите, а предизвика загриженост кај републиканците.
Хутите, бунтовничка група во Јемен, започнаа напади врз бродови во Црвеното Море, важна поморска трговска маршрута, во знак на солидарност со Хамас и Палестинците во Појасот Газа, откако Израел започна воздушна и копнена офанзива во октомври 2023 година.
Нападите на хутите ги поттикнаа американските одмазднички напади, но и ја попречија глобалната трговија, бидејќи бродовите се пренасочуваат подалеку од Црвеното Море и Суецкиот Канал преку подолга бродска рута.
Во израелските напади врз Газа оттогаш загинаа повеќе од 50 000 луѓе, според палестинското Министерство за здравство, управувано од Хамас.