„Ќе одговориме на тоа за Русија јасно да ги почувствува последиците од својата дрскост. Продолжуваме да работиме со партнерите за да го зголемиме притисокот врз Русија, и тоа ќе се случи. Русија не слуша ништо освен сила и ќе продолжи да лаже сè додека нејзините загуби не бидат доволно големи“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во реакција на последниот руски напад
Повеќе лица се ранети, а дел од железничката и енергетската инфраструктура во неколку украински региони е оштетена во синоќешните нови масовни руски напади, пренесуваат светските медиуми, повикуваќи се локалните власти во погодените подрачја.

Сирените за опасност од воздушен напад ноќеска се огласиле низ цела Украина, а експлозии биле регистрирани во девет од 24-те региони на земјата, од Киев до Лавов и Волин на запад, соопштија украинските власти.
Според украинската државна железница, четворица нејзини работници биле хоспитализирани по напад во централниот украински регион Кировоград, а бројни железнички услуги доцнеле или биле прекинати поради оштетувања на железничките објекти.
Уште пет лица биле ранети, а 28 куќи оштетени во рускиот напад на градот Знамјанка во истиот регион, соопштила украинската служба за итни случаи на Телеграм.
Според локалните власти, со прекини се соочил и јавниот превоз во западниот град Хмелницки, каде регионалниот гувернер предупредил од пожари и оштетувања на станбени објекти.
Инаку, за оштетувања на железничката инфраструктура денеска извести и Русија. Како што пренесуваат медиумите, Руски железници денеска соопштиле дека снабдувањето со електрична енергија е прекинато и десетици возови се одложени откако беспилотно летало се урна во близина на железничката станица во рускиот регион Ростов.
Поради последниот масовен руски напад, во кој цели беа и региони во западна Украина, полското воено воздухопловство активираше дел од своите и сојузничките авиони за да го обезбедат воздушниот простор на Полска.
„За да се осигури безбедноста на полскиот воздушен простор полските и сојузничките авиони интензивно работат во нашиот воздушен простор, додека копнените системи за воздушна одбрана и радарско извидување достигнаа највисоко ниво на тревога“,
соопшти оперативната команда на полските вооружени сили.

На жестоките руски напади денеска реагираше украинскиот претседател Володимир Зеленски кој најави одговор на Киев на руската агресија.
„Ќе одговориме на тоа за Русија јасно да ги почувствува последиците од својата дрскост. Продолжуваме да работиме со партнерите за да го зголемиме притисокот врз Русија, и тоа ќе се случи. Русија не слуша ништо освен сила и ќе продолжи да лаже сè додека нејзините загуби не бидат доволно големи“,
рече Зеленски.
Претходно денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва очекува преговорите меѓу Русија и Украина да продолжат, но дека мора да се препознаат „новите територијални реалности“ и да се формираат нови системи на безбедносни гаранции.
„За мирот да биде одржлив, новите територијални реалности мора да се препознаат и формализираат во смисла на меѓународното право“,
изјави Лавров во интервју за индонезискиот весник „Компас“.
Индиректно осврнувајќи се на континуираното противење на Москва кон приклучувањето на Украина кон НАТО, Лавров рече дека на Украина треба да ѝ се гарантира неутрален, неврзан и ненуклеарен статус.