Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот универзитет, од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, односно од 26 јануари заклучно со 8 февруари, биле регистрирани над 12 800 земјотреси
Тринаесет земјотреси со јачина над 4 степени биле регистрирани во близина на Санторини до утринава. Овие земјотреси следувале по синоќешниот со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала, регистриран кусо по 22 часот, што воедно е и најсилниот во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос во изминатите десетина дена.
Според податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, утрово во период од нешто помалку од два часа имало 22 земјотреси над 3 степени според Рихтеровата скала, а најсилниот бил 4,9 степени.

Сеизмолозите беа оптимисти за интензитетот на земјотресите кои почнаа да се намалуваат, но сега се загрижени дека тие се влошуваат.
За синоќешниот земјотрес од 5,3 степени, претседателот на Организацијата за асеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП), Ефтимиос Лекас, за грчката телевизија ЕРТ вели дека не може со сигурност да се каже дека тоа е најсилниот земјотрес, додека сеизмологот Герасимос Пападопулос на социјалните мрежи коментира дека силниот земјотрес ја избришал „малата трошка оптимизам“.
Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот Универзитет од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, односно од 26 јануари заклучно со 8 февруари, биле регистрирани над 12 800 земјотреси.
За попладнево е закажан нов состанок на Комисијата за процена на сеизмичката опасност и на Комисијата за следење на вулкански активности при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција за да се оцени ситуацијата.
Членовите на комисиите во текот на викендот одлучија училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи, поради земјотресите да бидат затворени и оваа седмица.
Инспекциите, како што пренесува Би-би-си, не откриле оштетувања на згради во Санторини или Аморгос. Нема информации и за повредени како резултат на земјотресите, но повеќе од 11 илјади луѓе ги напуштиле островите.
Вонредната состојба ќе остане во сила на Санторини најмалку до 3 март.
