Градоначалникот на Штип, Бочварски, смета дека бројот на оние што ќе бидат во изолација ќе се зголемува бидејќи во истиот автобус се возеле работнички од уште две конфекции
Во Штип во изминатите 24 часа се регистрирани четири нови случаи на заразени со коронавирус, од кои две се текстилни работнички од конфекцијата која веќе трет ден е затворена бидејќи досега таму се потврдени 12 позитивни случаи.
Според податоците од Центарот за јавно здравје во Штип, во домашна изолација се ставени над 130 граѓани кои биле во контакт со заразените, најмногу вработени во оваа фабрика, а меѓу нив е и сопственикот на компанијата.
Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, на денешната прес-конференција истакна дека оваа бројка во наредните денови ќе се зголемува за да се изолираат сите контакти на заразените текстилни работнички и да не се шири вирусот.
Напорите сега се насочени вирусот да не прошири во другите конфекции, особено во двете во околината, чии работници се возеле во ист автобус со овие работнички.
„Стапивме во контакт со сопственици на конфекции и списоците на работници се предадени на епидемиолозите и точно е утврдено кои работници како се превезувале. Се работи за три конфекции, чии работници се возеле во ист автобус. За очекување е дека ќе се појават нови случаи, но очекувам и да се затвори кругот. За жал, во последно време не се почитуваа мерките, но тоа е единствена заштита и тие мора да се почитуваат“,
изјави Бочварски.
Но според него, се’ уште е рано да се вклучи алармот за преземање поригорозни мерки на територија на Општина Штип. Вели дека постојано има комуникација со Министерството за здравство, со неколку сопственици на текстилни фабрики, со здружението за заштита на работничките права „Гласен текстилец“, Клиничка Болница-Штип и Центарот за јавно здравје, а локалните капацитети се насочени кон заштита на здравјето на граѓаните.
Во текот на овие денови ќе има тестирање на текстилните работнички и како што рече Бочварски, за очекување е и да има нови случаи на заразени со коронавирус, но смета дека здравствените работници ќе го затворат кругот.
„Општинскиот штаб за заштита и спасување со своите служби беше на терен и започна со дезинфекција на влезовите пред текстилните фабрики. Упативме апел до угостителите да побараат поддршка за дезинфекција на нивните надворешни тераси и влезови пред отворањето, и секако за поддршка во дел на дезинфекција на автобусите. Нашите волонтери беа на терен пред конфекциите и делеа заштитни маски на текстилните работници. До денеска имаме поделено вкупно 23 000 заштитни маски на институции и граѓани“,
рече Бочварски.