Во Италија, која претседава со Г7, ќе се одржи виртуелен самит со претседателот на Украина Володимир Зеленски во знак на поддршка за неговата земја

Денеска навршуваат две години од почетокот на руската инвазија на Украина, а на во различни држави по тој повод се организираат собири, состаноци и изложби за поддршка на Киев.
Во Италија, која претседава со Г7, ќе се одржи виртуелен самит со претседателот на Украина Володимир Зеленски во знак на поддршка за неговата земја. Собири ќе се одржуваат во повеќе градови како Берлин и Варшава, а некаде ќе има и пред руските амбасади.
Во меѓувреме, Советот на ЕУ го воведе 13-тиот пакет рестриктивни мерки против Русија.
Нови санкции „против режимот на Владимир Путин и одговорните за продолжување на неговата незаконска, неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна и оние кои ја поддржуваат“ беа воведени за 106 поединци и 88 ентитети одговорни за поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина.
Како одговор на европските санкции, Москва го прошири списокот на политичари од ЕУ на кои им забранува влез во Русија.
Американскиот претседател Џо Бајден најави и санкции против дополнителни 500 правни и други субјекти во Русија и на други места поради војната во Украина и смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во затвор.
И Канада, во координација со САД и Велика Британија, објави дека воведува санкции за 10 лица и 153 организации поврзани со Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Санкциите се насочени кон поединци и организации кои ја поддржуваат војната преку финансирање, логистика и нивно избегнување. Списокот вклучува високи функционери во приватни и државни компании регистрирани во Русија и Кипар, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.