Протести се најавени во Белград, Ваљево, Книќ, Пожаревац, Чачак, Врање, Милановац, Лесковац и други градови. Во објавата со локациите, студентите во блокада порачаа – „Србија не може да се смири“
За вечерва се најавени нови протести во повеќе градови низ Србија, а студентите во блокада на социјалните мрежи објавија список со локации и термини.

Протести се најавени во Белград, Ваљево, Книќ, Пожаревац, Чачак, Врање, Милановац, Лесковац и други градови. Во објавата со локациите, студентите во блокада порачаа – „Србија не може да се смири“.
Инаку, веќе со денови ескалираат протестите ширум Србија. Така беше и на синоќешните што се одржаа под слоганот „Не сме вреќи за удирање“. Тоа беше одговор на претходната ноќ кога полицијата употреби прекумерна сила против граѓаните.
38 лица се приведени, а шест полицајци и непознат број демонстранти се повредени. Ова е епилогот од четвртата ноќ судири на улиците во српските градови. Во Белград, од едната страна имаше употреба на пиротехнички средства, а од другата страна имаше полиција, оклопни возила и солзавец.
Најмалку десет полициски оклопни возила беа распоредени во центарот на Белград за да се спречи спојување на неколку протестни маршеви. Демонстрантите беа потиснати од центарот со солзавец и полициска сила, но пред тоа превртеа и запалија контејнери, едно дрво гореше пред Министерството за одбрана, а Брзата помош интервенираше десетина пати.
Студентите во блокада, поддржани од граѓани, мирно протестираа девет месеци поради смртта на 16 лица кога се урна стреата на железничката станица во Нови Сад. Но, сега целта на протестите е поинаква – промена на власта.
Нема да има нови избори толку брзо, одговори претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за државната телевизија. Тој повтори дека, според него, протестите се управувани однадвор, а демонстрантите ги нарече бандити.