Секој што сака да присуствува на настани во затворен простор од 20 август ќе треба да има примено барем една доза од вакцината против ковид-19, објави порталот exit.al повикувајќи се на косовската Комора за угостителство и туризам.
Новата регулатива ќе важи за сите настани во затворен простор, како и за барови, ресторани, трговски центри и семејни собири. Секој што сака да учествува или да има пристап до настани во затворено ќе треба да покаже доказ дека примил барем една доза од вакцината.
Со регулативата, исто така, се бара сите работници од туристичкиот и угостителскиот сектор да добијат барем една доза од вакцината против ковид до 12 август.
Од Комора за угостителство и туризам велат дека ќе се зголеми работното време за ноќните клубови. Моментално тие треба да затворат во 23 часот, а новата регулатива ќе го продолжи нивното работно време до 3 часот наутро.
Во последниве недели имаше значителен скок на бројот на инфекции во Косово, при што делта-сојот сочинува околу 90 отсто од новите случаи.
Во петокот беа регистрирани 271 нов случај, со што бројот на активни случаи достигна 1 321.
Досега целосно се вакцинирани 165 190 граѓани и се дадени вкупно 478 048 вакцини.