Ние и понатаму ќе правиме притисок во насока на тоа дека сите членови на Судскиот совет треба да си дават оставка и воедно да бидат избрани нови членови на Советот што ќе имаат интегритет и ќе вложат напори за да ја вратат довербата во Судскиот совет, затоа што ако судиите немат доверба во Судскиот совет како ние обичните граѓани да имаме доверба – порачува Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“, организација која одблиску ја следи работата на Судскиот и на Советот на јавни обвинители
Има најава за нови оставки во Судскиот совет по повлекувањето на судиите Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд и Зоран Герасимовски од скопска Апелација, рече Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“ во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Таа смета дека тоа е единствениот начин судството во целина да излезе од ситуацијата во која се наоѓа.

„Очигледно е дека и самите судии, според последното објавено истражување, велат дека немат доверба во Судскиот совет, односно три од четири судии сметаат дека изборот и разрешувањата на судиите не е соодветно на законот. Имајќи предвид дека ова истражување е од 2022 г., може само да претпоставиме доколку сега било направено истражување какви би биле резултатите после сите случување што ги имавме во Судски совет. Ние и понатаму ќе правиме притисок во насока на тоа дека сите членови на Судскиот совет треба да си дават оставка и воедно да бидат избрани нови членови на Советот што ќе имаат интегритет и ќе вложат напори за да ја вратат довербата во Судскиот совет – пред сè од судиите, но и од граѓаните, затоа што ако судиите немат доверба во Судскиот совет како ние обичните граѓани да имаме доверба“,
рече Петковска.
Коалицијата „Сите за правично судење“, вели таа, стои на ставот дека актуелниот состав на Судскиот совет е нелегитимен и нема легитимност да ја штити судската независност.
„Тука се и други дваесетина граѓански организации што се дел од Платформата за борба против корупција и Блупринт групата за реформи во правосудстсвото, кои се на истиот став дека сите членови треба да си поднесат колективна оставки. Го поздравивме тоаа што двајца членови поднесоа оставки и се надеваме дека тоа ќе продолжи понатаму односно и другите членови ќе се одважат и ќе поднесат оставки како членови на Судски совет“,
вели Петковска.