Со програмата „Младински оброк“, секој средношколец ќе има субвенциониран оброк преку картичката „Skopje city go“. Учениците во средните училишта ќе учествуваат и во креирање на ученичките униформи кои ќе им бидат воведени. Секое училиште ќе добие нови фотоволтаици, фасади, термоизолација и целосна енергетска трансфромација
Дигитализација на училиштата и брз интернет во секоја училница, дигитален ВИ-асистент, прочистувачи за воздух во сите училишта, системи за климатизација и греење, униформи и субвенциониран оброк за средношколците – најавува кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.

Осврнувајќи се проектите во делот на образованието, Ѓорѓиевски најавува изградба на нови училишни згради на две постоечки средни училишта – „Браќа Миладиновци“ во Драчево и „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров.
„Тоа ќе бидат модерни дигитализирани и енергетски ефикасни објекти. Паралелно ќе спроведеме целосна енергетска трансформација на сите средни училишта. Секое училиште ќе добие нови фотоволтаици, фасади, термоизолација и паметни системи за следење на потрошувачката на енергија. Во секое училиште ќе обезбедиме прочистувачи за воздух, системи за климатизација и греење со ниска потрошувачка“,
најавува кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.
Безбедноста во училиштата, како што рече, ќе се гарантира преку програми за превенција на насилство, ангажман на училишни полицајци, видеонадзор и едукација за учениците и родителите.
Ѓорѓиевски најавува дигитализација на училиштата, брз интернет, паметни табли и проектори, како и воведување ВИ-тутор, односно дигитален асистент кој, како што рече, ќе му биде достапен на секој ученик, ќе објаснува лекции, ќе помага во учењето и ќе ги заменува скапите приватни часови.
„Во неколку училишта ќе формираме и АИ-лабораториии со 3Д-модели и интерактивни симулации за да овозможиме настава што е привлечна, динамична и блиска до новите генерации. Ќе изградиме современ центар за природни науки, техника и дигитални технологии во соработка со универзитетите и фондациите, кој ќе биде место каде што младите од целиот град ќе можат да експериментираат, но и да истражуваат. Ќе го рестартираме Планетариумот во МКЦ, кој ќе стане центар за наука, култура и технологија“,
додава тој.
Со програмата „Младински оброк“, секој средношколец ќе има субвенциониран оброк преку картичката „Skopje city go“. Учениците во средните училишта ќе учествуваат и во креирање на ученичките униформи кои ќе им бидат воведени и кои, како што рече Ѓорѓиевски, ќе поттикнуваат еднаквост и достоинство меѓу нив.
За девојчињата ќе бидат обезбедени хигиенски производи во училиштата.
„Воведуваме бесплатно патување низ Европа за првенците на генерација. За учениците обезбедуваме и пристап до психолошка поддршка од стручни лица. Ќе формираме училишни младински клубови за уметност, музика, театар и технологија како и кариерни центри што ќе помагаат при изборот на професијата и понатамошното образование“,
додава Ѓорѓиевски.