Неколку новинарски имиња по формирањето на новата влада ја напуштија професијата и преминаа во портпаролските води.
Кети Гетева, новинарка и уредничка од Алфа ТВ, од денеска е ангажирана во Министерството за здравство, како одговорна на Секторот за односи со јавноста, но таа нема да дава изјави за медиумите.

„Јас ќе бидам одговорна на овој Сектор, но останува праксата министерот, директорите на клиниките, на центрите за јавно здравје и останатите здравствени установи да ги даваат изјавите за медиумите“,
изјави Гетева за „360 степени“.
За нејзиниот ангажман, стигна потврда и од Министерството за здравство.
Вчера од Владата стигна информација за ангажман на уште еден новинар и уредник. Александар Видиновски од Канал 5 ТВ премина во Министерството за правда, на работно место портпарол и посебен советник за односи со јавноста на министерот Бојан Маричиќ.

Видиновски е дипломиран комуниколог, новинар со повеќегодишно искуство во неколку национални медиуми, а работел како репортер, уредник на вести и водител на политички емисии.
Во Министерството за внатрешни работи (МВР), пак, се вработи Гоце Андреевски, кој на јавноста ѝ е познат како водител и новинар од Телма ТВ. Во последната недела тој неколку пати се појави со изјави пред логото на МВР.

На официјалната веб-страница на Министерството, името и фотографијата на Андреески се под функцијата „главен советник во Сектор за односи со јавност“.

Пред повеќе од две недели во новата влада за нов портпарол беше назначен новинарот и уредник од Македонската радио-телевизија Душко Арсовски.

И во кабинетот на првиот вицепремиер и министер за политички системи Артан Груби за односи со јавноста е задолжен поранешен новинар – Валмир Кучи, кој претходно има работено во неколку медиуми на албански јазик.