Достава и шалтерска продажба се некои од начините што ќе им овозможат на угостителските објекти да работат преку ден, а и за време на полицискиот час
Оние што ќе останат затворени сѐ додека не заврши здравствената криза се рестораните за свадби, но за нив ќе следува економска поддршка
Сите економски оператори што со одлука на Владата се затворени овие две недели ќе бидат опфатени со нови мерки.
Една од мерките што треба да помогне делумно да продолжат со работа е да вршат достава и за време на полицискиот час со соодветни дозволи за движење, а во текот на денот може да продаваат храна и пијалаци од шалтер, без послужување во самите локали.
Оние што ќе останат затворени сѐ додека не заврши здравствената криза се рестораните за свадби, но за нив ќе следува економска поддршка, налик на онаа што беше и досега.
„Не може да направиме отстапки за да им се дозволи да работата додека е здравствената криза во тек. Ќе направиме сѐ што треба за да влезат во системот, да бидат категоризирани и соодветно да се постапи со нив во редовните програми на Министерството за економија и ако е потребно и со дополнителни мерки. Сега фокусот е на тие што со одлука на Владата им забранивме да работат во овие две недели. Но, сепак, сфаќаме најтешко ќе се вратат во стопанството и размислуваме како за нив така и за другите што се погодени да ги поддржиме со развојни програми и тоа ќе го направиме“,
изјави вчера вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Владата смета дека економскиот стимул придонесе за двојно амортизирање на економскиот пад лани, поточно, според калкулациите на Министерството за финансии е амортизиран за 4,2 процентни поени и наместо пад од -8,7 отсто реалниот пад на економијата лани беше -4,5 проценти.
Премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими вчера објавија дека се имплементирани околу 70 мерки преку што на граѓаните и на стопанството им биле ставени на располагање 860 милиони евра или 82 отсто од вкупниот план за износ на мерки.
Од вкупно 70 усвоени мерки во рамки на сите четири пакети, во тек е имплементацијата на 21 мерка во вредност од 30 милиони евра, додека имплементацијата на седум мерки во вредност од 150 милиони евра се во собраниска процедура и се надева дека пратениците бргу ќе дадат зелено светло и на овие мерки.
Според анализите, првиот пакет антикризни мерки е имплементиран со 90,1 отсто, вториот пакет мерки е имплементиран 100 отсто, третиот пакет 75,4 отсто и четвртиот пакет 72,7 отсто, а некои од мерките од третиот и четвртиот пакет се реализираат во текот на оваа година, така што вкупната имплементација на мерките во однос на планот може да се зголеми, па дури може да достигне и до 99 отсто имплементација.