Министерството за економија и труд ќе го чека јунскиот извештај од ДПИ и врз основа на него ќе донесе одлука дали ќе бидат воведени нови мерки

Министерството за економија и труд ќе го чека извештајот од Државниот пазарен инспекторат од контролите направени кај трговците во текот на јуни и доколку има зголемување на цените на основните производи, тренд што ќе продолжи од мај, министерот Бесар Дурмиши повторно најави дека ќе бидат воведени поригорозни мерки.
Дурмиши рече дека во мај цените биле зголемени кај сите производи што претходно имаа ограничени маржи.
„Цените се зголемени кај оние производи кај кои имаше ограничување на маржата до 5 отсто и тоа во мај беше од 3 до 7 проценти. Кај оние производи кај кои ограничувањето на маржата беше до 10 отсто, како што се месо, шеќер, конзервирана храна, покачувањето на цените е од 10 до 15 проценти. Кај овошјето и зеленчукот покачувањето на цените е од 15 до 25 проценти“,
рече Дурмиши.
Намалување на цената Дурмиши рече дека има кај производите кои се од домашните производители на овошје и зеленчук.
„Во наредните денови чекаме извештај и за јуни, како и податоци од Државен завод за статистика. Кога ќе ги споиме сите податоци ќе анализираме какво е однесувањето од страна на трговците, дистрибутерите и производителите, и ако имаме девијантно однесување или се случува енормно зголемување на цените, надвор од она што беше во мај, ќе одиме со поригорозни мерки, или ќе одиме со помал процент на ограничување или ќе ги опфатиме скоро сите производители“,
рече министерот.
Прашан што значи за него енормно зголемување и колкав е тој процент, Дурмиши рече дека тоа зависи од инфлацијата.
„Ако инфлацијата е на ова ниво, тоа е прифатливо и е на стабилно ниво. Ако инфлацијата оди нагоре и стигне до 4 отсто или и повеќе, тогаш тоа е алармантно и ние ќе делуваме врз основа на надлежностите што ги имаме. Ако овој тренд од мај продолжи и во јуни нормално дека ќе има мерка со која ќе им излеземе во пресрет на граѓаните“,
додаде тој.
На крајот на минатиот месец директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, рече дека во мај имало одредено зголемување на цените во малопродажба, додека во големопродажба цените се вратени на ниво како пред одлуките за ограничување на маржите и замрзнување на цените, што завршија на 30 април годинава.
„Има одредени зголемувања од три до пет проценти кај производите во најголем обрт, додека кај оние со помал обрт, како производи за лична хигиена, бебешка храна и пелени, зголемувањата се движат од 10 до 20 отсто. Забележани се намалувања од 20 до 100 отсто кај зеленчукот и овошјето“,
рече Стојкоски.