Порано денеска и ЕУ најави дека го усвојува четвртиот пакет санкции против Русија
Британската влада соопшти дека денеска во режимот на санкции против Русија додава уште 350 нови руски поединци и дека на листата на сајбер-санкции додала уште девет имиња, пренесува Ројтерс.
Меѓу оние што се нашле на најновата листа со санкции се Андреј Мелниченко, сопственик на групација „Јурокем“, голем произведувач на ѓубрива и компанијата СУЕК за производство на јаглен, потоа Пјотр Авен, нафтен инвеститор кој изградил бизнис-империја проценета на 4,7 милијарди долари, како и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Покрај тоа, британскиот министер за финансии Риши Сунак објави дека со новиот британски закон што стапил во сила синоќа се овозможува Владата да ги забрза напорите насочени кон тоа да се „искоренат руските пари“ вложени во британски имот, пренесува Ројтерс.
„Нашиот закон за економски криминал ќе ни овозможи побргу да се пресметаме со крвавите пари на Путин и оние што ги поддржуваат него и неговиот режим“,
се вели во соопштението на Сунак.
Законот конечно доби одобрение од Парламентот денеска во раните утрински часови.
Порано денеска и ЕУ најави дека го усвојува четвртиот пакет санкции против Русија, како резултат на руската воена инвазија на Украина.