Во текот на следната недела ќе бидат познати мерките за бизнисите кои во овие две недели се затворени. Како што најави министерот за финансии, Фатмир Бесими, во интервју за МИА, за угостителите, теретаните и спортските центри ќе има антикризни мерки од следната недела.
Тој додава дека набргу се очекуваат и мерките од петтиот пакет за кои некои закони сè уште се во Собранието.
„И едниот и другиот сет мерки може да се очекуваат набргу, во прашање се денови и секогаш се прават напори мерките да стигнат што побргу до стопанството и граѓаните, иако не секогаш може да се постигне со оглед на процедурите за законските измени“,
вели Бесими.
Министерот оценува дека економските мерки кои досега ги реализираше Владата ги дале очекуваните резултати.
„Во рамките на четирите пакети кои се предмет на анализа, донесени се околу 70 различни мерки, со кои се опфатени и поддржани компаниите и граѓаните погодени од пандемијата. Износот на имплеметираните мерки, односно мерки кои им биле ставени на располагање на граѓаните и на стопанството е 860 милиони евра или 82 отсто од вкупниот план за износ на мерки. По пакети – првиот пакет антикризни мерки е имплементиран со 90,1 отсто, вториот пакет мерки е 100 отсто имплементиран, третиот пакет 75,4 отсто и четвртиот пакет 72,7 отсто. Мора да се нагласи дека некои од мерките од третиот и четвртиот пакет се реализираат во текот на оваа година, така да вкупната имплементација на мерките во однос на плант може да се зголеми па дури да достигне и до може да достигне и до 99 отсто имплементација“,
вели Бесими.