Градоначалникот оцени дека состојбата со ѓубрето е „далеку подобра“, но призна дека мал дел од граѓаните сè уште се однесуваат несовесно. Како резултат на тоа, во изминатиот период се изречени стотици предупредувања и казни

До април следната година, возниот парк на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ ќе биде засилен со 40 нови камиони, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Оваа инвестиција, според него, е клучна за долгорочно решавање на проблемот со хигиената во главниот град.
Набавката на новите камиони, како што рече, ќе се реализира во две фази. Од една страна, Ѓорѓиевски вели дека Град Скопје ќе направи јавна набавка преку „Комунална хигиена“, за што веќе биле одвоени средства во буџетот, а од друга, Министерството за транспорт преку Светска банка.
„Ќе набавиме камиони кои штедат на гориво и на сервиси, и кои целосно ќе ги задоволат потребите на скопјани. Затекнавме само 16 функционални возила, а иако сега бројката е околу 50, тие се стари и често се расипуваат“,
изјави Ѓорѓиевски во гостување во централниот дневник на ТВ Сител.
Градоначалникот оцени дека состојбата со ѓубрето е „далеку подобра“, но призна дека мал дел од граѓаните сè уште се однесуваат несовесно. Како резултат на тоа, во изминатиот период се изречени стотици предупредувања и казни.
Ѓорѓиевски најави дека и хаосот со јавниот превоз ќе почне да се надминува во првата половина на следната година.
Се очекува нови автобуси да пристигнат до првата половина од идната година.
Во однос на поплаките од скопјани дека повторно има проблеми со јавниот превоз и немањето автобуси, Ѓорѓиевски признава дека сè уште има пропусти на одредени места, но дека проблемите се надминуваат.
Тој вели дека предизвик биле неплатените долгови за резервни делови, што оставило многу автобуси, па и камиони на „Комунална хигиена“ нефункционални.
Градоначалникот најави и дека Градот секоја година ќе одвојува средства за постепено, фазно обновување на возниот парк на ЈСП „Скопје“.
