На 10 март веќе се одржа една рунда руско-украински преговори, но не донесе конкретен напредок, а оттогаш преговорите помеѓу Русија и Украина се водат преку видеоконференциска врска, а двете страни ги опишаа како „тешки“
Делегациите на Русија и Украина од денеска до среда ќе одржат нова рунда преговори во живо во Турција, најави еден од украинските преговарачи, Давид Арахамија.
„На преговорите преку видеоконференциска врска е одлучено следната рунда да се одржи во Турција од 28 до 30 март“,
објави Арахамија на Фејсбук.
Главниот руски преговарач Владимир Медински, исто така, најави одржување нова рунда преговори.
На 10 март во Анталија, Турција, на ниво на министри за надворешни работи, a на предлог на Анкара, веќе се одржа еден круг руско-украински разговори во живо, но не донесе конкретен напредок.
Оттогаш, преговорите помеѓу Русија и Украина се водат преку видеоконференциска врска, а двете страни ги опишаа како „тешки“.
„Процесот на преговори е многу тежок. Украинската делегација зазеде цврст став и не се откажува од своите барања. Пред сè, ние инсистираме на прекин на огнот, безбедносни гаранции и територијален интегритет на Украина“,
изјави во петокот украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Тој негираше оти е постигнат „консензус“ со Москва, спротивно на изјавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека делегациите на двете земји одговориле на четири од шест точки.
Главниот преговарач на Москва, Медински, истакна дека преговорите се во застој поради клучните точки.
Тој изјави дека Москва инсистира на потпишување „сеопфатен договор“ кој ќе ги земе предвид барањата за неутралност, демилитаризација и „денацификација“ на Украина, како и признавање на рускиот суверенитет над Крим и независност на двете проруски сепаратистички области Донецк и Луганск.