Медиумите објавуваат дека се очекува новиот министер за внатрешни работи Александар Добринт (Христијанско-социјална унија ЦСУ) да се сретне со Роман и со директорот на Федералната канцеларија за миграција и бегалци, Ханс-Екхард Зомер, за да ги координира понатамошните чекори
Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт има намера што е можно поскоро значително да го зголеми бројот на полицајци на германските граници со цел да се намали нерегуларната миграција, а за таа цел се очекува да се сретне со претставници на Полицискиот синдикат (ГдП), објавуваат германските медиуми.

„По наредба од Министерството за внатрешни работи, бројот на полицајци на границите е зголемен“,
изјави претседателот на ГдП, Дитер Роман.
Медиумите објавуваат дека се очекува новиот министер за внатрешни работи Александар Добринт (Христијанско-социјална унија ЦСУ) да се сретне со Роман и со директорот на Федералната канцеларија за миграција и бегалци, Ханс-Екхард Зомер, за да ги координира понатамошните чекори.
Како што објави неделникот „Шпигел“, бројот на гранични полицајци веќе е удвоен, со стационарни и мобилни контроли по копнените граници, првенствено со Австрија, Чешка и Полска. За време на изборната кампања, Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ објави затворање на германските граници за нелегални имигранти уште од првиот ден кога дојде на власт.
Новата влада сака нови правила
Според коалицискиот договор, меѓу оние на кои нема да им биде дозволен влез се и оние што сакаат да поднесат барање за политички азил во Германија.
Шефот на кабинетот на канцеларот, Торстен Фрај, за телевизијата РТЛ изјави дека веќе се спроведуваат построги гранични проверки, како и враќање на оние што сакаат да поднесат барање за азил.
„Законот на ЕУ предвидува дека барањето се поднесува во земјата во која лицето влегло на европска почва. Поради географската локација, ова не може да биде Германија“,
рече Фрај.
Дирк Вајзе, заменик-претседател на парламентарната група на помладиот партнер на Фридрих Мерц во владата, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), смета дека германскиот Устав го гарантира правото на барање азил на секој што ќе се најде на германска почва.
„Тоа е она што беше договорено во коалицискиот договор“,
заклучува Вајзе.
Забраната за влез во Германија на оние што сакаат да поднесат барање за азил беше едно од најспорните прашања меѓу демохристијаните и социјалдемократите за време на коалициските преговори.