Дека нема потреба од вонредна состојба смета и премиерот Зоран Заев, кој изрази загриженост бидејќи се уште нема можност Собранието ако треба да работи онлјан
Нема потреба од воведување нова вонредна состојба, кога имаме функционален парламент, порача претседателот на државата Стево Пендаровски, по седницата на Советот за безбедност.
Пендаровски рече дека ова прашање не било отворено на денешната седница и дека не верува оти прогласување на вонредна состојба може да има поголем ефект во борбата со ковид-19.
„Примарниот мотив за прогласување вонредна состојба беше владата да може да носи одлуки, а сега имаме функционално Собрание кое може да носи мерки како оние што ги донесоа вчера. Нема никаква причина да се натегаме околу тоа дали треба или не треба вонредна состојба. И денеска да се декларира вонредна состојба нема да се смени проблемот. Само по себе не врши работа. Слични забуни имаше и за полицискиот час. Дека треба вонредна состојба за да има полициски час. Ако врши работа вонредната состојба во однос на ковид-19, еве ќе покренам иницијатива и Собранието ќе ја изгласа. Ама не сум сигурен дека воопшто има корелација едно со друго и дека ќе бидеме поуспешни“,
рече Пендаровски.
Претседателот рече дека ако има потреба во борбата со ковид-19 ќе се вклучи Армијата, по примерот на другите земји, каде војници се ангажирани да бидат логистичка поддршка на системот, а некаде прават и епидемилошки анкети.
Дека нема потреба од вонредна состојба посочи и премиерот Зоран Заев, кој изрази загриженост за тоа што нема можност Собранието да функционира онлјан.
„Не ни треба вонредна состојба Владата да прогласи забрани за движење. Вонредна состојба, обично се носи кога треба брзи реакции. Парламентот работи и функционира. Мене ме плаши неотворената можност за онлајн работа на Собранието, затоа што како што имам информации, можеби не се точни, досега од конституирањето на парламентот имаме повеќе од 10 отсто заразени или во самоизолација или заразени членови на семејството на пратеници. Сите заедно некои 10 отсто. Ова го кажувам затоа што допрва доаѓа крајот на есента и почетокот на зимата. Имајќи го сето тоа во предвид очекувам дека сегашната законска регулатива, посебно со законот од вчера, донесен е законот за кредитот со Светска Банка, донесено е и сето она што досега претставува наша законска регулатива согласно која како Влада носиме одлуки, верувам дека и ребалансот на буџетот ќе биде донесен заради економскиот и здравствен аспект на кризата, ќе имаме доволно широчина. Како претставник на Влада која има право да побара вондредна состојба, ниту јас не гледам потреба од вонредна состојба“,
рече Заев.
Министерот за здравство, Венко Филипче посочи дека во моментов нема потреба од нови мерки и рестрикции и дека полицискиот час не е трајно решение.
„Здравствениот систем од крајот на март е во вонредна состојба. На почетокот на кризата сите земји од регионот и во Европа беа на став дека рестрикција на движењето целосно ќе го сузбие ширењето на вирусот, но тоа не се случи. Сега е дефинитивно јасно дека вирусот е тука и мора да се живее со него со овие мерки за заштита. Рестрикција на движењето нема да има ефект. Затоа има мерки за носење маски и избегнување на групирањето“,
рече Филипче.
На новинарско прашање, дали се калкулира со воведување на нови рестрикции поради последици врз економијата, Филипче и Заев посочија дека одлуките се носат на предлог на Комисијата за заразни болести, чиј приоритет е заштита на јавното здравје.