Шест секвенци на новата варијанта на коронавирус се пријавени во четири земји, но епидемиолозите се загрижени дека тие би можеле да претставуваат многу повеќе, бидејќи глобалното следење на варијантите е намалено
Нова варијанта на коронавирус, која има голем број мутации, досега се појави во четири земји – САД, Велика Британија, Данска и Израел. Научниците се во состојба на готовност, истражувајќи до каде е раширена новата варијанта и како таа реагира на антителата.
Новата варијанта на коронавирусот, која на социјалните мрежи се нарекува „пирол“, има повеќе од 30 мутации во споредба со најблиската претходна форма, подваријанта на сојот омикрон, објаснува Џеси Блум, виролог во „Фред Хачинсон“ во Сиетл.
„Тоа е еволутивен скок споредлив со оној што првично доведе до омикрон-сој на коронавирусот“,
објави Блум на веб-страницата на лабораторијата.
Светската здравствена организација во четвртокот ја означи оваа варијанта на коронавирусот „под надзор“, што значи дека земјите треба да ги следат и пријават сите мутации што ќе ги откријат.
Варијантите под надзор кои предизвикуваат потешка клиничка слика или не реагираат на постојните вакцини и третмани може да се стават на листата „варијанти од интерес“ или „варијанти на загриженост“, која е сè уште празна.
Шест секвенци на новата варијанта на коронавирусот се пријавени во четири земји, но епидемиолозите се загрижени дека тие би можеле да претставуваат многу повеќе бидејќи глобалното следење на варијантите е намалено.
Новата варијанта досега се појави во четири земји. Прво беше откриена во неделата од научници во Израел, по што Данска пријави три случаи, а САД и Обединетото Кралство пријавија по два случаи.
Трите случаи во Данска се откриени кај луѓе во различни делови на земјата, кои се чини дека немале контакт меѓу себе, соопшти данскиот Институт за серуми.
„Необично е коронавирусот да се промени толку значително и да развие 30 нови мутации. Последен пат видовме толку голема промена кога се појави омикронот“,
рече истражувачот од Институтот.
Сепак, данските научници нагласија дека e сè уште рано да се зборува за можната зголемена заразност на новата варијанта на коронавирусот, наведувајќи дека допрва треба да вршат тестови на човечки антитела.
Проценка на заканата од новата варијанта објави и Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство, од каде што велат дека фактот што се регистрирани случаи во четири различни земји кај лица без историја на патување, укажува на тоа дека веќе е воспоставена глобална трансмисија.
Регистрираните секвенци на новата варијанта се многу слични една на друга, што може да укаже дека се појавиле неодамна и брзо се шират, се вели во извештајот на Агенцијата, истакнувајќи дека посигурна проценка не е можна додека не станат достапни повеќе секвенци.
Менди Коен, директор на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, вели дека новата варијанта не треба да биде причина за вознемиреност.
„Мислам дека она што го гледаме е дека нашите механизми за откривање што ги поставивме функционираат. Поподготвени сме од кога било да откриеме и да одговориме на промените во вирусот ковид-19. Ја следиме оваа нова лоза. Има мутации што го прават различен од другите што циркулираат. Ќе видиме дали ќе се зголеми, дали ќе видиме повеќе случаи или ќе исчезне и нема да биде варијанта на загриженост“,
вели таа, пренесува Си-ен-ен.