По реакциите дека цената за пренос и дистрибуција, која изнесува 3,37 денари за киловат-час, е несразмерно висока кога ќе се спореди со цената само за електрична енергија (на пример, во ниска тарифа за домаќинствата таа изнесува 0,62 денари за киловат-час), со новата одлука на РКЕ се очекува балансирање на тој сооднос
Ако актуелната цена за малите потрошувачи во високата тарифа е 17,2 денари (13,82 + 3,37) за киловат-час, новата цена од Нова година се очекува да изнесува околу 13,5 денари за киловат-час. Слично и кај ниската тарифа во која сегашната цена е 13,5 денари (10,13 + 3,37) за киловат-час, од 1 јануари се најавува намалување на 10,5 денари
Нема да има поголеми промени во сметките за струја кај домаќинствата од Нова година, освен за оние што трошат повеќе и влегуваат во четвртиот тарифен блок, за каде што се очекува зголемување на цената од 7-8 отсто. Затоа, пак, поголеми промени од први јануари се најавуваат во другиот сегмент на регулираниот пазар на кој со електрична енергија се снабдуваат т.н. мали потрошувачи (правни субјекти што вработуваат до 50 луѓе и имаат приходи до два милиона евра годишно), каде што се очекува намалување на цената во просек од околу 20 отсто.

Ова, според сознанијата на „360 степени“, е насоката во која се очекува да се движи одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за цената на струјата на регулираниот пазар за периодот од 1 јануари до 30 јуни следната година, откако „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) на тендерот на „ЕВН хоум“ понудија цена од 56 евра за мегават-час, што е за околу 16 отсто повисока од актуелната (48 евра за мегават-час) и 110 евра за мегават-час за покривање на техничките загуби во системот, што е за 23 отсто пониска од досегашната (143 евра за мегават-час).
Се балансира односот струја – пренос
По реакциите дека цената за пренос и дистрибуција, која изнесува 3,37 денари за киловат-час, е несразмерно висока кога ќе се спореди со цената само за електрична енергија (на пример, во ниска тарифа за домаќинствата таа изнесува 0,62 денари за киловат-час), со новата одлука на РКЕ се очекува балансирање на тој сооднос. Најавите се дека ќе се намали цената за пренос и дистрибуција, а ќе се зголеми цената само за електрична енергија, на начин што, на крајот, вкупната цена (пренос плус струја) по блокови ќе изнесува:
БЛОК 1 (до 210 киловат-часа) – ќе остане иста или ќе се намали до 1% (сега е 7,71 ден./киловат-час);
БЛОК 2 (211-630 киловат-часа) – ќе остане иста или ќе се намали до 1% (сега е 8,07 ден./киловат-час);
БЛОК 3 (631-1 050 киловат-часа) – ќе остане иста или ќе се зголеми до 1% (сега е 8,65 ден./киловат-час);
БЛОК 4 (од 1 051 киловат-час) – ќе се зголеми за 7-8% (сега е 17,47 ден./киловат-час);
НИСКА ТАРИФА – понеделник-сабота од 22 до 7 часот и цел ден недела – ќе остане иста (сега е 3,99 ден./киловат-час).
Ова е на линија на вчерашната изјава на директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој рече дека е можно да има одредено намалување кај првиот и вториот блок.

„Тоа се граѓаните што штедат енергија, односно трошат помалку, имаат помали примања, живеат во помали објекти и за нив Владата бара начин да нема зголемување, туку е можно да има одреден процент на намалување на сметката за електрична енергија, за сметка, пак, на четвртиот блок, оние најголемите потрошувачи, кои трошат најмногу енергија, кои користат поголеми капацитети за загревање, тука ќе има поголемо зголемување“,
најави вчера Ковачевски.
Осетно намалување за фирмите на регулираниот пазар
Директорот на Електрани вчера најави намалување на цената на струјата за т.н. мали потрошувачи. Според сознанијата на „360 степени“, тоа во просек би изнесувало околу 20 отсто.
Ако актуелната цена за малите потрошувачи во високата тарифа е 17,2 денари (13,82 + 3,37) за киловат-час, новата цена од Нова година се очекува да изнесува околу 13,5 денари за киловат-час. Слично и кај ниската тарифа во која сегашната цена е 13,5 денари (10,13 + 3,37) за киловат-час, од 1 јануари се најавува намалување на 10,5 денари.
Овие цени се однесуваат на околу 65 илјади субјекти кои се снабдуваат со струја на регулираниот пазар.
„Имаме информација дека во изминатиот период околу 7 000 правни субјекти ги прекинале своите дејности и тука треба да се стави фокусот, да ѝ се помогне на таа категорија потрошувачи и тука ќе има значително намалување на цената на електричната енергија“,
изјави вчера директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.