Евроамбасадорот ја истакнал важноста на спроведените активности за подобрување на нормативно-правната рамка, но нагласил дека мора да се обезбеди квалитетна имплементација на овие закони, со цел гарантирање независно и ефикасно судство, како и промена на перцепцијата за македонскиот правосуден систем
Нова стратегија за реформа во правосудниот систем 2023-2027 година, најавил министерот за правда Никола Тупанчески, на денешната средба со шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
На средбата, како што соопштија од Министерството за правда, се разговарало за состојбата со тековните и планираните реформски чекори во судството, заштитата на основните човекови права, вклучително и слободата на медиумите, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Тупанчевски, велат од Министерството за правда, ги презентирал и следните чекори и приоритети на овој владин ресор во однос на владеењето на правото, почнувајќи со функционален преглед на правосудниот сектор, зајакнувањето на капацитетите на правосудниот систем, борбата против организираниот криминал и корупцијата, најавувајќи подготовка на нова стратегија за реформа во правосудниот систем 2023-2027.
„Свесни сме дека новата методологија дополнително ја нагласува важноста на реформите на владеењето на правото за процесот на пристапување и подготвени сме да продолжиме со важни чекори на тој пат“,
рече Тупанчески.
Шефот на делегацијата на ЕУ, како што велат од Министерството за правда, го потврдил напредокот во Извештајот на Европската комисија за земјава и потенцирал дека сме на добар пат во постигнување на целта за градење професионално и независно судство.
Гир ја истакнал важноста на спроведените активности во изминатиот период за подобрување на нормативно-правната рамка, но нагласил дека мора да се посветиме на обезбедување квалитетна имплементација на овие закони, со цел гарантирање независно и ефикасно судство, како и промена на перцепцијата кај граѓаните за македонскиот правосуден систем.
Делегацијата на ЕУ предводена од евроамбасадорот Гир ги поздравила реформските чекори и ја истакна максималната поддршка за евроинтеграцискиот процес, продолжување на соработката и обезбедување помош за спроведување на клучната реформска агенда.