Двајцата премиери изразиле задоволство од динамиката на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, преку работните групи
За дијалогот Скопје – Софија денеска разговарала и вицепремиерката Грковска, со претставнички на МНР на Германија, кои престојуваат во работна посета на нашата земја и кои изразиле надеж дека процесот поставен на нови основи за соработка наскоро ќе има видливи резултати
Премиерите на Северна Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков имаа нова средба денеска, овој пат во Брисел, на маргините на вонредниот самит на НАТО.
Двајцата премиери, како што напиша Ковачевски на Фејсбук, взаемно изразиле задоволство од динамиката на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, преку работните групи кои се остваруваат во тековниот период, како и од потпишаните договори и меморандуми за соработка во повеќе области од заеднички интерес.-
„Оценивме дека правиме сериозни чекори напред и со целосното усогласување на надворешната и безбедносната политика на Северна Македонија со политиките на ЕУ, со што ги продлабочуваме односите меѓу двете држави и го подигаме нивото на политички дијалог. Имаме причини за оптимизам од унапредувањето на соработката меѓу двете земји, со што се забрзува процесот на европска интеграција на Северна Македонија“,
напиша Ковачевски на Фејсбук.
Минатиот месец, Ковачевски и Петков имаа средба на маргините на Минхенската безбедносна конференција, кога најавија интензивирање на соработката и дијалогот и за отворените прашања за кои треба да се најдат решенија на политичко ниво.
За дијалогот Скопје – Софија денеска разговарала и вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, со Сузана Шуц од директоратот за Западен Балкан и Сабине Штол од директоратот за проширување на ЕУ на Министерството за надворешни работи на Германија, кои престојуваат во работна посета на нашата земја.
Претставничките на Министерството за надворешни работи на СР Германија, како што соопштија од Владата, покажале посебна заинтересираност за дијалогот Скопје-Софија и изразиле надеж дека процесот поставен на нови основи за соработка и комуникација меѓу двете земји наскоро ќе има видливи резултати, со почеток на преговорите за нашата земја за членство во ЕУ, што, како што истакнале е од важен интерес за Берлин.

Грковска посочила дека дијалогот со бугарската страна се развива во позитивна насока и дека војната во Украина покажа дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е од геостратешки интерес на Брисел и на Европа.
Грковска нагласила дека Северна Македонија целосно ги исполни условите за почеток на преговорите со ЕУ и дека граѓаните на земјата очекуваат и Брисел да го исполни својот дел од обврската и дека секое натамошно одлагање ќе го поттикне евроскептицизмот.
На средбата, вицепремиерката Грковска потенцирала дека СР Германија е докажан партнер на Северна Македонија и на Западен Балкан и дека со оптимизам се очекува континуитетот на Берлинскиот процес, кој донесе големи придобивки во европеизацијата на регионот.