На втората листа со помилувања во два дена се наоѓа и таткото на неговиот зет Џаред Кушнер
Обединетите нации со критики кон Трамп за помилувањата што ги дава пред заминување
Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера објави нова, уште попровокативна листа на помилувања, на која се наоѓаат неговиот поранешен менаџер на кампањата Пол Манафорт, долгогодишниот советник Роџер Стоун и Чарлс Кушнер, таткото на неговиот зет и висок советник Џаред Кушнер.
Со тоа тој практично ги „избриша“ најважните судски пресуди донесени како дел од долгата истрага за мешањето на Русија во изборите во САД во 2016 година, објавија американските медиуми.
Веста беше објавена откако Трамп пристигна во Палм Бич, Флорида, каде што ќе ги помине празниците, а со него отпатува и Џаред Кушнер.
Вчера Трамп помилува вкупно 26 лица и делумно или целосно ги укина казните за уште три лица.

Покрај Манафорт и Стоун, на листата помилувани се и поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин и поранешниот советник Џорџ Пападопулос.
Обвинителството на Округот Менхетн, кое работи на обвинение против Манафорт за финансиска измама и други кривични дела, соопшти дека ќе продолжи да поднесува жалби и ќе бара обвинение. Барањето досега беше одбиено поради правилото дека на исто лице не може да му се суди два пати по исто или слично обвинение, откако ќе биде ослободено.

Со помилувањето од Трамп, Манафорт е ослободен од издржување на најголемиот дел од затворската казна од седум и пол години.
70-годишниот Манафорт беше првиот од потесниот круг на Трамп, обвинет од Малер во истрагата за руско мешање во изборите. Во изјавата од неговиот адвокат, Манафорт изрази благодарност до Трамп.
Чарлс Кушнер, кој е трговец со недвижнини, беше осуден на две години затвор откако во 2004 година се изјасни за виновен за 18 точки од обвинението за затајување данок, влијание врз сведоци и правење нелегални политички донации.
Ова е втора серија помилувања што Трамп ги објави за два дена.
Завчера Трамп објави 15 помилувања, меѓу кои и двајца републиканци, кои беа под истрага за руското мешање во изборите во 2016 година и поранешни владини претставници вклучени во скандалот со приватната безбедносна компанија „Блеквотер“ во Ирак.
Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации (ОН) изрази загриженост за одлуката на Трамп да ги помилува осудените за масакрот во Багдад во 2007 година, кога беа убиени 14 ирачки цивили.
Тие се осудени на казни од 12 години до доживотен затвор, а нивните приврзаници бараа да бидат помилувани бидејќи сметаат дека се казнети со построги казни од заслужените.
Во својата критика, портпаролката на Канцеларијата за човекови права на ОН, Марта Хуртадо, рече дека тие меѓудругото се осудени за убиство од прв степен и порача дека нивното помилување ќе придонесе за неказнивост и ќе има ефект да ги охрабри другите да прават такви злосторства во иднина.
„Жртвите на сериозни повреди на човековите права и сериозните повреди на меѓународното хуманитарно право исто така имаат право на надомест на штета што вклучува право на видување на извршителите како издржуваат казни сразмерно на сериозноста на нивните дела“,
рече Хуртадо.
Четворица мажи, кои работеле под договор за Стејт департмент, се осудени откако со тешко вооружениот конвој на приватната компанија за безбедност „Блеквотер“ отворија оган кон плоштадот Нисор во Багдад на 16 септември 2007 година. Нивното учество во вооружениот инцидент предизвика меѓународен скандал и осуда за злоупотребата на приватни компании од страна на американската војска.
Демократите ги критикуваа овие помилувања, истакнувајќи дека Трамп ја става лојалноста кон него над сè друго, над владеењето на правото, над демократијата и над правдата.