Во Абу Даби на 23 и 24 јануари беше одржан трилатерален состанок за постигнување мировно решение за Украина на кој учествуваа украинска, руска и американска делегација, и тоа беше прво директно соочување на делегациите на Украина и Русија
Нова рунда преговори меѓу Украина и Русија, со посредство на Соединетите Американски Држави, ќе се одржи во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, в среда и четврток (4 и 5 февруари), најави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски нагласи дека Киев е подготвен за суштинска дискусија.

Според него, информациите за новата рунда предовори доаѓаат од украинскиот преговарачки тим кој денеска требаше да одржи разговори со руската делегација.
„Нашиот преговарачки тим штотуку даде извештај. Датумите за следните трилатерални состаноци се одредени – 4 и 5 февруари во Абу Даби. Украина е подготвена за суштински разговори и ние сме заинтересирани исходот да нè доближи до вистински и достоинствен крај на војната (Москва-Киев). Ви благодариме на сите што помагате!“,
рече тој.
Ни Москва ниту Вашингтон не ги потврдија информациите што ги сподели Зеленски.
Претходно, повеќе западни медиуми јавија дека денешната средба на претставници на рускиот и украинскиот тим е одложена, а дипломатскиот фокус е насочен кон средината на претстојната недела.
Во Абу Даби на 23 и 24 јануари беше одржан трилатерален состанок за постигнување мировно решение за Украина на кој учествуваа украинска, руска и американска делегација, и тоа беше прво директно соочување на делегациите на Украина и Русија.
Трилатералните разговори во Абу Даби го отворија патот за средба на рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Володимир Зеленски, во многу блиска иднина, пренесе американскиот портал „Аксиос“ повикувајќи се на изјава на американски функционер.
