Станува збор за втор круг на размена на заробеници и затвореници меѓу Израел и Хамас по договорот за примирје меѓу завојуваните страни што стапи во сила минатиот викенд
Палестинското милитантно движење Хамас денеска ослободи четири припаднички на израелската армија што ги држеше како заложнички, додека Израел од своите затвори пушти 70 Палестинци и му ги предаде на Египет, пренесоа светските медиуми.

Размената на заробеници и затвореници меѓу Хамас и Израел е реализиран во рамките на вториот круг за размена на заложници и затвореници од договорот за примирје меѓу двете завојувани страни што стапи во сила минатиот викенд.
Египетската државна телевизија Кахера објави дека Палестинците пристигнале на египетската страна на преминот Рафах, на границата со Појасот Газа.
Според условите на, како што се смета, кревка спогодба за прекин на огнот, борбите во Појасот Газа се стопирани за најмалку шест недели. Во текот на овој период треба да бидат ослободени десетици израелски заложници и стотици палестински затвореници, а дополнително треба да се зголеми и испораката на помош за населението во Газа, истоштено од конфликтот.
Инаку, во замена за четирите припаднички на израелските одбранбени сили, кои денеска беа прифатени од Црвениот крст, Израел треба да ослободи 200 палестински затвореници, вклучително и 120 милитанти кои отслужуваат доживотна казна затвор за смртоносни напади, наведува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Првиот круг за размена беше спроведен на 19 јануари, кога три млади Израелки беа ослободени за 90 палестински затвореници.
Голем број луѓе се собраа во Тел Авив и градот Газа денеска пред очекуваната размена меѓу Израел и Хамас на заложници за палестински затвореници.
На плоштадот на заложниците во Тел Авив, како што е наречен, на голем екран беа прикажани лицата на четирите ослободени припаднички на израелската војска. Дел од насобраните на плоштадот носеа израелски знамиња, како и транспаренти со фотографии на заложници.
Четирите Израелки беа предадени на Црвениот крст во градот Газа претходно денеска, откако членовите на Хамас парадираа пред толпата. Тие се смешкаа и мавтаа од подиумот на плоштадот Палестина во градот Газа пред да бидат однесени со возила на Црвениот крст, објави Асошиејтед прес (АП).

Во првата фаза од прекинот на огнот, кој започна на 19 јануари и ќе трае 42 дена, треба да бидат ослободени 33 заложници од Појасот Газа во замена за 1 900 Палестинци кои се наоѓаат во израелските затвори.
Имињата на заложниците претходно беа објавени, но не и редоследот на нивното ослободување.
Во војната на Израел против Хамас во Појасот Газа, според податоците на здравствените власти на палестинската енклава, загинаа повеќе од 47 280 Палестинци.
Војната започна по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година врз Израел, во кој беа убиени околу 1 200 луѓе, а како заложници беа земени околу 250 лица.