На Клиниката за неврохирургија во Скопје утрово се воведе нова метода во лекувањето на пациенти со мозочно крварење, информира Министерството за здравство.
Операција е извршена со новиот иновативен уред-дволуменски систем кој истовремено овозможува следење на интракранијалниот притисок, испирање на коморниот систем на мозокот и дренажа на цереброспиналната течност.

„Овој систем веќе континуирано се употребува во секојдневната клиничка пракса во неколку земји во светот како САД, Германија, Португалија и Холандија. Од денеска овој иновативен уред се става во континуирана употреба и на Клиниката за Неврохирургија, а ние сме единствена земја во Југоисточна Европа каде ќе се врши оваа метода“,
се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Операцијата ја изврши министерот за здравство и неврохирург д-р Венко Филипче, со асистенција на неврохирурзите д-р Владимир Рендевски директор на Клиниката и д-р Благој Шунтов.