За да се искористи мерката, треба да се исполнат неколку услови
Владата во рамките на мерките за справување со последиците со ковид-кризата целосно ќе ги покрива придонесите за новинарите и медиумските работници во телевизиите, радиодифузерите, печатените и електронските медиуми (портали, со импресум и да имаат правно лице и декларирана сопственост).
Оваа мерка ќе трае онолку колку што траела вонредната состојба, а почнува да се применува од моментот на престанок на вонредната состојба поради епидемијата. За ова Владата вчера усвои Уредба со законска сила.
Оваа одлука е донесена по преговорите на Владата и Независниот синдикат на новинари и медиумски работници, а за медиумите да може да ја искористат оваа мерка мора да исполнат три услови:
– за време на кризата да не отпуштиле ниту еден вработен и тоа не смеат да го направат во периодот на користење на мерката најмалку во следните три месеци,
– доколку за време на кризата имало намалување на платите, за да се искористи мерката, платите мора да се вратат на првобитната сума како пред вонредната состојба,
– за да се користи мерката, медиумот мора да има најмалку тројца вработени и да ги има платено сите давачки кон државата.
Ова биле клучните критериуми од Синдикатот што Владата ги прифатила.

„Заедно со здравствените работници, полицијата и армијата и сите други, новинарите и медиумските работници беа во првите редови во борбата со пандемијата“,
рекоа вицепремиерот Бујар Османи и министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски на денешната прес-конференција.
Османи уште најави дека наскоро може да се очекува и сет мерки во согласност со европските политики и упатства за одбрана од лажни вести и организирана пропаганда и ќе бараат вклучување на тој заеднички механизам.
