Според пријавата, станува збор за злоупотреби при јавни набавки на телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема во периодот од 2022 до 2024 година, односно дека Бајрами и сопственикот на фирмата, Артан Ајрули, ги местеле тендерите за набавка на опремата, од која дел воопшто не бил евидентиран за која вонреден попис утврдил дека „не постои и не може физички да се пронајде во деловните простории на Државна лотарија, ниту во просториите на деловните соработници“
Ова е втора кривична пријава за ексдиректорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, откако претходната резултираше со покренување истражна постапка против него и против поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби, за кривичното дело проневера во службата во случајот „Лотарија“
Се проширува листата на осомничени за злоупотреби во „Државна лотарија“. За овој нов момент првично информира министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која на денешната собраниска седница за пратенички прашања кажа дека е уапсено едно лице за злоупотреба на пари од буџетот.

И премиерот Христијан Мицкоски исто така потврди дека во текот на седницата добил вакви информации и оти „списокот со уапсени за малверзации во ‘Лотарија’ се проширува со нови обезбедени лица“ кои треба да бидат изведени пред обвинител и пред судија (на претходна постапка н.з.).
Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, за државната новинска агенција МИА, прашан за информациите кои ги сподели министерката за финансии, потврди дека Финансиската полиција уапсила лице поврзано со „Државна лотарија“.
„Да, точно е, Финансиската полиција уапси едно лице поврзано со случајот ‘Државна лотарија’. Да почекаме да го однесат во обвинителство, па ќе споделиме повеќе информации“,
изјави Ивановски.
Дел од медиумите, повикувајќи се на свои извори, објавија дека е уапсен сопственикот на кумановската компанија „Ритрон копи“, Артан Ајрули.
Од Финансиската полиција попладнево излегоа со официјално соопштение во кое се вели дека до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава против неколку лица и правни субјекти за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за злоупотреба на постапката за јавни набавки во врска со случајот „Државна лотарија“. Како што информираат од Финансиската полиција, со злоупотребите била направена штета на буџетот за над 22 милиони денари, односно 357 723 евра.
Според соопштението, првопријавен е ексгенералниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, против кого веќе се води истрага за проневера во службата.
Второпријавен е сопственикот на „Ритрон копи“, Артан Ајрули.
Со кривичната пријава се опфатени уште две лица, од кои едното, С. Р., во својство на директор за продажба и комерцијални работи во Државна лотарија и другото, М. З., како директор на сектор за информатички технологии во државното акционерско друштво.
„Првопријавениот П. Б., како генерален директор на Државната лотарија, одобрил исплата на фактури со невистинита содржина, овозможувајќи противправна имотна корист од 3 102 015 денари. Второпријавениот А. А., сопственик на ‘Ритрон копи ДООЕЛ’, заедно со П. Б., ги повредиле прописите на постапката за доделување на договор за јавна набавка, стекнувајќи противправна имотна корист од 12 980 000 денари. Третопријавениот С. Р. и четвртопријавениот М. З. потврдиле прием на опрема која не била евидентирана, оштетувајќи го буџетот на Државната лотарија за 6 772 283 денари“,
се наведува во соопштението на Управата за финансиска полиција.
Според пријавата, станува збор за злоупотреба при јавна набавка на телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема сторени во периодот од 2022 до 2024 година.
Во соопштението на Финансиската полиција во детали се наведени дејствијата за кои се сомничат пријавените, па така за ексдиректорот Перпарим Бајрами се вели дека ги пречекорил границите на своите службени овластувања и „со свој потпис одобрил исплата на фактури со невистинита содржина за набавка на употребувани телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема“. Фактурите ги изготвувал сопственикот на кумановската фирма, Ајрули.
„Иако истите биле свесни дека наведените телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема во фактурите не биле испорачани согласно предвидените модели во склучените договори за јавни набавки со АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на РС Македонија и на тој начин му овозможиле на второпријавениот А. А. и петтопријавениот правен субјект ДПТУ ‘Ритрон копи’ ДООЕЛ Куманово да се стекнат со противправна имотна корист во вредност од 3 102 015 денари, што претставува штета на Буџетот на АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на РС Македонија“,
се наведува во соопштението.

Според Финансиската полиција Бајрами и сопственикот на кумановската фирма, кои биле во блиски пријателски односи, однапред ги приспособиле техничките спецификации за набавка на телевизори со цел да се осигурат дека за најповолен понудувач ќе биде избрана фирмата на Ајрули.
„Второпријавениот А. А. тие информации ги искористил за однапред да изврши увоз на типови и модели на употребувани телевизори по договорените количини, со што бил доведен во поповолна положба во однос на сите други понудувачи во спроведените постапки за јавни набавки и тоа со број на оглас 15018/2022, 05226/2023 и 13530/2023 на телевизори за инсталација на електронски игри, со што првопријавениот П. Б. му овозможил на второпријавениот А. А. и петтопријавениот правен субјект да се стекнат со противправна имотна корист по три склучени договори за јавни набавки на телевизори во вкупна вредност од 12 980 000 денари“,
велат од Управата за финансиска полиција.
Пријавениот С. Р., пак, како директор на секторот за продажба и комерцијални работи во Државна лотарија потврдил дека примил 107 телевизори од различни модели за организирање електронски игри на среќа од кумановската фирма. За тоа тој потпишал испратници и записници за прием на телевизорите, кои воопшто не биле евидентирани во магацинот и за кои извршениот вонреден попис утврдил дека „не постојат и не може физички да се пронајдат во деловните простории на Државна лотарија, ниту во просториите на деловните соработници“.
„Четвртопријавениот М. З., во својство на директор на сектор за информатички технологии во АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија, во периодот 2023-2024 година, потврдил дека примил принтери, компјутерска и комуникациска опрема во вкупна вредност од 1 763 720,50 денари, од петтопријавениот правен субјект, за што потпишал испратници и записници за прием на истите, коишто по извршениот вонреден попис воопшто не се евидентирани во магацинот, ниту пак во деловните простории на АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на РСМ“,
информираат од Финансиската полиција.
Инаку, ова е втора кривична пријава за Перпарим Бајрами, откако претходната резултираше со покренување истражна постапка против него и против поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби, за кривичното дело проневера во службата во случајот „Државна лотарија“. Покрај нив, во истрагата на Основното јавно обвинителство Скопје осомничени се уште четири лица за злоупотреба на службената положба и овластување.
Кривичниот суд на Груби и Бајрами им одреди 30-дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување во земјата бидејќи во моментов не се достапни за органите на прогонот.
За Груби и Бајрами по налог на Јавното обвинителство се распишани меѓународни потерници.