Покрај инвестирањето во формалното образование, кандидатката за градоначалничка на Скопје потенцира дека има план за отворање на младински центри и хабови, по примерот на големите светски метрополи, каде што младите ќе имаат директен пристап до компании, обуки, ментори и финансиска поддршка за нивните идеи
Нова гимназија во Аеродром, дигитализација на наставата, мрежа на младински центри и формирање фонд за стипендии за спортисти и талентирани ученици – најавува кандидатката за градоначалничка на СДСМ, Каја Шукова.
Шукова ветува вложување во образованието преку современо опремување на училиштата, како и дополнителни програми за учење и зголемена поддршка на младинските проекти за 300 отсто.

Покрај инвестирањето во формалното образование, кандидатката за градоначалничка на Скопје потенцира дека има план за отворање на младински центри и хабови, по примерот на големите светски метрополи, каде што младите ќе имаат директен пристап до компании, обуки, ментори и финансиска поддршка за нивните идеи.
Со отворањето младински хабови, младите би се поврзале со компаниите што бараат луѓе за работа. Воедно во нив би се одржувале обуки и тестирања за насочување на младите, за правилен избор на средно и на високо образование, а би соработувале и со Агенцијата за вработување и Фондот за иновации и технолошки развој.
„Овие центри ќе овозможуваат и скромна финансиска поддршка на бизнис-плановите на нивните посетители, а ќе служат и како врска меѓу младите и инвеститорите за олеснување на патот за успеси во бизнисот. Во овие центри обезбедуваме и поврзување со компании што бараат нов кадар, советување за избор на образование и кариера, обуки за дигитални вештини, претприемништво и личен развој, финансиска и менторска поддршка за млади претприемачи. Со овие мерки Скопје создава основа за град што ги задржува младите, отвора квалитетни работни места и вложува во знаење и иднина. Мојата визија за Скопје е град што создава можности, особено за младите“,
изјави кандидатката на СДСМ.
Дополнително, Шукова најави и градски ваучер „Скопје за сите“ во форма на годишен пакет за бесплатен превоз, пристап до Зоолошка градина, музеи, библиотеки, како и субвенции за паркинг и спорт. Ваучерот ќе биде наменет за младите, семејствата со пониски приходи, пензионерите и за лицата со попреченост.