Заклетвата ја положија вкупно 59 кандидати, односно 31 питомец и 28 слушатели на курсот за офицери, со што, како што информираат од Министерството за одбрана, и официјално го започнаа своето воено образование. Дел од Академијата ќе бидат и пет питомци од Босна и Херцеговина и двајца од Црна Гора
Новата генерација на питомци и слушатели на Курсот за офицери и штабни службеници денеска положија заклетва пред претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.

Заклетвата ја положија вкупно 59 кандидати, односно 31 питомец и 28 слушатели на курсот за офицери, со што, како што информираат од Министерството за одбрана, и официјално го започнаа своето воено образование. Дел од Академијата ќе бидат и пет питомци од Босна и Херцеговина и двајца од Црна Гора.
Во своето обраќање на свеченоста, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека питомците стапуваат во Армијата кога се најпотребни, во време-невреме на растечки непријателства и тензии, разгорени воени конфликти, како и длабоки геополитички бранувања и промени.
„Вие, преку свечената заклетва влегувате во големото и сплотено армиско семејство, ветувајќи пред сите дека совесно, одговорно и бескомпромисно ќе ги браните македонските уставно гарантирани: самостојност и независност, сувереност и територијален интегритет. Знам дека и за вас, како и за мене, заклетвата не е само одбран збор на патриотски зборови, туку цврст израз на решеност, истрајност, одлучност и верност“,
рече таа.
Ги истакна и значењето и улогата на идните офицери во редовите на македонската, но и на НАТО-армијата.
„Од вас се очекува да почитувате и да практикувате највисоки професионални и морални стандарди во справувањето со сите висови закани. Но, не смеете да ги занемарите или да ги заборавите етичките и моралните вредности, ако сакате да останете луѓе и да бидете личности“,
кажа претседателката.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски на новите питомци и слушатели за офицери им порача дека униформата што денеска ја носат со гордост секогаш треба да ги потсетува на вредностите на Армијата.
„Од денеска припаѓате на едно големо армиско семејство, каде интегритетот и лојалноста кон татковината се вредности што се пренесуваат од генерација на генерација, и секогаш се силни и инспиративни“,
вели тој.
Според него, Академијата е симбол на извонредност, која со години создава лидери, што со знаење и патриотизам ја носат одговорноста за безбедноста и стабилноста на нашата држава.
Деканот на Академијата, полковник проф. д-р Ненад Танески, посочи дека оваа година се одбележува 30-годишнината од основањето на оваа установа.
„Овој јубилеј не е само бројка, тоа е историја, традиција и континуитет. Тоа е доказ дека нашата Армија расте и се развива заедно со Армијата и државата, но и дека останува верна на својата мисија, а тоа е да создава генерации подготвени да ја бранат и служат на татковината со знаење и чест“,
рече деканот на Воената академија.
