Станува збор за фирмата „Сигмоид груп ДООЕЛ Скопје“, формирана пред две години. Според наводите на СДСМ, фирмата добивала тендери од Генералниот секретаријат на Владата и од Службата за општи и заеднички работи
Фирма со тројца вработени во период од два месеци добила тендери од Владата во вредност од 1,2 милиони евра – гласи новата „бомба“ што денеска ја објави антикорупцискиот тим на СДСМ.
Станува збор за фирмата „Сигмоид груп ДООЕЛ Скопје“, формирана пред две години.

Според наводите на СДСМ, фирмата добивала тендери од Генералниот секретаријат на Владата и од СОЗР.
„Како и во првата бомба, повторно станува збор за ИТ-опрема. Случајно нели? Првиот договор со Министерството за финансии е склучен на 13.10.2025 година, вреден околу 60 000 евра. После два дена има нов договор, склучен на 15.10.2025 со Генералниот секретаријат на Владата, вреден 980 000 евра. Шест недели подоцна, на 01.12.2025, нов државен тендер, овојпат за софтвер за следење на работни процеси во СОЗР, вреден околу 76 000 евра“,
изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Кузеска обвини дека фирмата постигнала 173 отсто раст на добивка од тендери за два месеци.
„Дали причината за ова е близината на сопственикот на фримата, извесен Ј. Јанкуловски, кој дипломирал на Машинскиот факултет, токму на насоката мехатроника и роботика, каде што е Христијан Мицкоски професор? Ова ли е клучот за вртење милионски тендери од власта на ДПМНЕ? Близината со Мицкоски?“,
додаде Кузеска.
И оваа „бомба“, како и претходните, како што велат од СДСМ, отвора сериозни сомнежи за нетранспарентни постапки, фаворизирање и коруптивни тендерски шеми како во досега објавените „бомби“.
